Tuesday, May 22, 2012

Избацивач повеќе од премиер!

Во последно време, често, за моја среќа (или можеби нечија несреќа) сум во Скопје. Почесто од вообичаено.
Се плашев дека ќе добијам морска болест, но добив само скопска болест.
Не. Не се откажав од градот и ДА сеуште работам на планот да се вратам во него, од причини мене познати.
И сериозно, Скопје ме наљути. Уствари не градот. Би било глупаво на цел град да му судам заради 3јца.

САФ едно време викаа, скопска ситуација бурлески. Епа што би рекле во Тајланд, same same but different.
На сите мои странски пријатели, пребацувајќи им на зезалица колку се они друштвено полу-импотентни и како треба да дојдат во Скопје за да видат што е прав ноќен живот, отсекогаш сум им тврдела дека да излезеш во Скопје е токму она вистинското што треба да го доживееш.
И не, не зборам за турбо фолкерај и слични шабанерии, ама иако градот и те како се смени од 2000 па навака, сеуште знам и тврдам, дека навечер во град можеш да си поминеш топ. Може да ти се деси незаборавна скопска ситуација, несекојдневна случка, да сретнеш интересни фаци, и да направиш оригинален неврзан муабет со билокој, во билокое време.

Да. Можеш. Само ако поминеш низ наплатната патарина наречена, избацивач.
Отсекогаш сум слушала како сите мрчат
„Леле ќе ме пуштат ли онаму?“
„Немој вака да се облакаш, нема да не пуштат ради тебе“
„Еј брат пуштаат ли онаму?“
„Ма не идам таму, вчера не ме пуштија“

И се чудев, за што зборат луѓево? 30 години сум жива, а сигурно 15 имам кариера на „излегувач“. Значи можам нескромно да тврдам дека имам искуство во искачање во Скопје, и нитуеднаш не ми се случило, од времето на Кока Кола клуб кабрио, преку Лејди кецот и двојката, Процес и Метропол, Мјузик Гарден, Елемент, Флок, Колосеум, Зен, Парадизо, Хавана, Миднајт….и уште еден куп нови места за неки нови клинци, да ме стопира некој и дрско да ми рече – не може.
Епа, за се има прв пат.

И толку ме на*урчи фактот што некоја будала, која нема основа за култура и учтиво понашање, мене и моите пријатели, сите дечки и девојки во години, кои заработуваат и водат самостоен живот, не помножи со нула, што ми идеше да делам воспитни таа вечер.
Наместо тоа, наместо билокакво образложение, а ко образложение не рачунам мумљање нешто налик на комуникација измеѓу двајца Кромањонци и куцање во мобилен, типот стоеше, не те погледнува во очи, и за да те изиритира уште повеќе, весело пред тебе пушта во клубот дечиња.
Разбирај, 18годишни девојчулиња качени на својата прва, евентуално втора 20ка штикла купена од мама или тато на која едвај се клацка, со своите први набрекнати гради набутани у секси корсет (топ изгледаа да признаам) и со своите последни 100 денари во пликчето од Шутка.
Ние, немавме кратка сукњица – а за муживе па би се чудела кога би ја опнале истата. Немавме ни штикла. Немавме ни плик, ни напрчена патка усна, ниту минивал од шееснека, за среќа знаевме да одиме ко луѓе пошто не бевме качени на платформи на кои и кога ќе се качиме, знаеме да чекориме а не изгледаме ко Дарко Панчев у млади години, и што е најбитно, имавме по некоја пара со нас, да потрошиме на пијачка. Секако дека не намерававме да се заседнеме во поза 58 на шанка, чекајќи некој батка да ни плати една вода.
Сигурно ќе нарачавме вода со додаток К негде измеѓу буквиве пута 10. Ма и повеќе со оглед на тоа дека бевме повеќе луѓе.

И си се замислив. Да беа сега со мене моите странски пријатели на кои толку многу им зборам за ноќниот живот во Скопје, што ли ќе речеа? Не. Прашањето е, што ли ќе им кажев?
Горилава не те пушта.
Зашто?
Онака.
И?
Толку. Ај по дома. Добредојдовте во Скопје, градот, каде што владее тој, што работи на врата во диско.

Мене уствари не ме вреѓа фактот што некаде во некој клуб нема да влезам. Мене ме вреѓа тоа што априори некој мене ме отфрла како муштерија без да ми објасни културно зошто.
Мислам, биди батка колку што стегаш мускули и те молам научи барем една реченица.
Ве молиме, да го ослободите влезот бидејќи….(fill in the blanks).

Барем така функционира ова во сите нормални, европски метрополи. Само кај нас, некој решил да се прави поголем католик од Папата.
И криво ми е што не е битно дали тој истиот вечерва ќе заработи пари од тебе како сериозен клиент, кој планира да се начука ко возрасна стока, затоа што не се тетерави ко младинец после второ пивце, битно е што он се направил фраер и пол со неговото мумљање и пуштање, онака. Како му се припувало.

Пред некој ден читав во НИН, за ситуација пред еден од најпознатите белградски клубови, кога не само што не бил пуштен внатре странски ДиЏеј, туку и се дрзнале батките да го затепаат.
Последната реченица гласеше. Белград, градот, каде што не е битно дали го познаваш менаџерот, битно е дали се знаеш со тој што е на врата.

Колку многу ме потсети на Скопје и колку многу се натажив. Не заради тоа што не сум испила пијачка во Миднајт (јакиот ми клуб), туку дека некој мене најнекултурно и најниско ме деградира како личност која сакала вечерта да постигне статус вреден за местото во кое сакала да влезе.
Ма статусот уопште не е битен. Не е ни битно крај краева дали јас ќе пијам да се опијам, или ќе пијам за да уживам. Моја работа. Битно е дека јас сакам да потрошам некаде пари, и тој некој на кој му ги давам моите пари, од личен интерес треба минимум да е културен со мене.

Е се додека вака (не) функционира системот, ќе стискам заби за наредната посета која ќе ја донесам во мојот град.