Saturday, March 23, 2013

Бев...


Бев среќно дете. Посреќно од илјадниците прскалки за Нова година. Или од илјадниците бакнежи дадени за илјадарче или...за пијачка.
Имавме толку малку, а имавме многу. Затоа што се имавме едни со други и никогаш не се напуштавме.  Не знаевме кај сме, а секогаш се наоѓавме кога сакавме. Толку далечни а толку блиски. Во ластикот секогаш имаше место за сите. Едно време замислував дали би можеле да го растегнеме за да може да ја опфати целата планета и сите да не собере внатре.
Наивно. Глупаво. Детски. А сепак толку убаво. И потоа се случи она – пораснавме.

Денес ластикот изумре. Дегенерирани мозоци на денешницата. Се прашувам од кај излегоа? Не ќе да се од моје маало. Можеби таму во тоа маало не знаеле за дружење. Ниту за ластик. Ниту знаеле што значи братска делба. Разбирај, на еден мајка му му мачка лепче со еурокрем и го дели тоа едно лепче со десет деца.
После не пцуе. Ама секако се сакаме, нели?

Дајте ми ластик да им покажам љубов на луѓево. Заборавија да живеат завиткани во мувлата на сопствените псеудо-животи. Живееш ама срцето ти е студено како замрзнати батаци извадени од фрижидер пред 2 секунди. Другарка ми би рекла, од дубокото...
Проблеми еден куп а ниеден реално постоечки. Станавме џанаци на сопствените заблуди. Всушност ништо не те мачи. Само изводиш. И ти се допаѓа митот да си маченик. О грчка митологијо, воскресни!

Лепче со еурокрем, може ли? Јас ќе ти го дадам од се срце, само не биди глуп и разбуди се. Светов те чека да играш ластик. Сеедно е со кого. Само играј...и не престанувај.

Еднаш прашав.

„Што славиш?“

Ми одговорија
„Славам што сум жив.“

Си помислив...камо вака секој втор да размислуваше, ќе имавме виножита над главите секој ден. Можеби боите се илузија. Но мојот свет не е црно-бел. И фала богу што е така.