Tuesday, January 31, 2012

Возев


Возев. Цајканот ме сопре и ми рече – е по овој автопат ти е забрането девојче. Отсега ќе си возиш по друг автопат.
А јас знаците од претходниот ги научив на памет. И ми требаат. Не сакав но морав, да се навикнам на нов асфалт.
Тврд. Ау! Болеше. Паднав. И станав. Влегов во колата и возев. Како луда. Не сопрев. Кривини, угорници, удолници, нови знаци, забрани, наредби. Ми годеше.
Ако. Се прилагодив а во главава мечтаев и мечтаам како ме галеше воздухот додека бев на оној автопатот со дупки. Не ги забележував. Си шибав! Напред и назад, во кружен, влегуваш, излегуваш.

И после толку години искуство по нови патишта и нови автопати, се прашувам. Вредеше сево ова? Сеуште ме боли само кога ќе помислам како беше. Човек знае што имал дури тогаш кога ќе изгуби. А изгубив ли?
Се е на истото место, само јас сум на друг воздух кој ме гуши со својата чистота. Јас сакам воздухот кој го дишам да го гледам. А беливе дробови се навикнати на него. Се совпаѓам во старото како puzzle.

И најмалото камче ми недостига. Затоа што цело е кога има се. Моето се е распрснато на илјада страни, во илјада правци.

По ѓаволите! Ставам во прва од лер и се прашувам, кој би и дал предност на водата пред виното? А мене, не ме ни прашаа.

Incubus, проклети да сте! Гребете со вашата музика во денови, сиви, а сепак сончеви, токму како овој.

Monday, January 30, 2012

Ех...

Ех да можев. Ех да сакав.
Нешто како Колен. Би сакала многу работи наеднаш со ризик да изгледам како хибрид манијак. Нешто ко морско прасе. Или жена програмер. Или авиомува де. Нит леташ, ниту пак цвикерата ти е до тој степен црна и голема.
Нејсе. Битно – желбата да пробаш како е да чекориш во чизмите на оној другиот, е голема. По цена да ти биде неудобно но со цел да дознаеш како и е на другата страна. И можеби тогаш – ќе сфатиш. Дај Боже!

Би сакала да можев да гледам поубаво, за подобро да видам. Човек дури и кога гледа, не е сигурен што видел. Со колкупроцентна сигурност можеш да тврдиш дека ружата е навистина црвена или дека гомцено во тревата е навистина кафеаво?! Кога ќе се приближиш, ружата одамна овенала до степен на некоја сивкаста боја, а гомцето не е гомце, туку е скршено гранче од некое од дрвјата во паркот и ко за чудо на природата има сосема убави нијанси на него.
Би сакала да можев подобро да слушам. Слушам убаво, фала Богу. Гледам да си ги чистам ушите секој ден јес да ме ежат оние памучнине чепкалки, али тоа не е битно. Но дали навистина слушам?! Што дека слушам кога дури после некој извесен временски дијапазон ми резонираат зборовите во главава и сфаќам – дека дури тогаш чув. Не во моментот кога ми било кажано. Сум слушала, но не сум чула, па учтивиот молк му дал сила на соговорникот во дадениот момент.
Би сакала да можев да летам, барем на кратко. Не, не сакам да сум мувата од Acid House (ете ти пак, врти сучи – тоа ти е, мува), но сакам да можев да видам какво е чуството на воздушна слобода која зависи од мене и никој друг. Да не морам да се потресувам турбуленции ли се, моторот ли е, левото крило ли е?
Би сакала да можев да размислувам едноставно на граница со ограничено барем на еден ден. Да немав баш многу многу на избор, да си живеев во моето мало гратче, некаде на периферијата од државата, Богу иза леџа кај што ќе ми прават друштво мувите кои тука се вртат за да се вратат назад од кај шо дошле. Да си имав некои сосема обични и прости двоумења, како – црн или бел леб? Фустан или сукња за Нова година? Турбо фолк или бугарска певаљка? Црвено или жолто? Камен или земја? Работава – сам себе го убиел, да не знаеш што да избереш, пошто избор де факто, немаш и со наведната глава му се прилагодуваш на она, што животот ти го нуди. А на рамнодушноста која во себе ја носиш може да ти завидува и странецот на Ками.
Би сакала, да немав апсолутно ништо. Не дека имам нешто многу. Но чисто за да знам како е на другата страна од реката. (а како тргнале работиве можеби и тоа наскоро сите ќе го дознаеме) Да знам како е да се копа по изметот на човечката цивилизација која сеуште има изобилство од кое може да се, простете, кења, за човек да заработи барем за кришка леб. Ми текна на децата во Индија кои секое утро ги оставаат на периферните депонии за да копаат и де факто рециклираат ѓубриво за минимални пари. Вистински, а не фигуративно, да си ги извалкаш рацете, за да можеш на крајот од денот да ги измиеш и да си купиш по некое залче храна која ќе ја цениш повеќе од самиот себеси. И тогаш ќе сфатиш дека не се чуствуваш ниту валкано, ниту празно, ниту заразено. Затоа што дури и највалканата депонија не е толку заразна како неповторливата сила на човечката глупост, завист, малограѓанштина, снобизам кои го трујат секојдневието на оние кои имаат нешто повеќе во акалот за да имаат време, капацитет, расположение, карактер, желба за истите.
Би сакала, да имам повеќе време и повеќе удобност за да можам да си го пополнам секој слободен миг со елементарни, ниски задоволства. Да почуствувам како е да дегустираш измет малтене на дневен ред. Да не речам, да јадеш гомна. А ќе речам.
Би сакала да можев да паднам ниско за да знам какво е чуството. Човек е суштество непостојано. Природно се развива и во текот на таа своја животна Голгота паѓа. Се сопнува. Го сопнуваат. Прави грешки. Извлекува поука. Се поправа себеси. Се кае, или не. Сфаќа или не. Губи. Губи некогаш многу. Се витка од болка и од тага. Човек е суштество емотивно, се шокира, изненадува, разочарува, поретко или почесто. Плаче или се смее. Се срами или не за тоа дека ги покажал своите емоции пред некој друг. Сеедно е. Но како е да паднеш на тестот да бидеш нормален, достоинствен и барем малку човечен, што и да значеше тоа особено во денешнава мрднатост, за да се однесуваш учтиво и културно во најмала рака, а да не зборувам за тоа да си фер и разумен? Се прашувам. Се чудам. Се думам.

Во суштина би сакала да можев да прошетам во туѓите чизми за да разберам што им е на луѓево денес? Се изгубија ли до толку во сопственото его што кога нешто малку ќе им ја поткопа или поткрши самобендисаноста до степен да сфатат дека не се центарот на светот и дека сепак се врти – ама околу сонцето да му се сневиди, не околу нив,  и макар и биле свесни за истото тоа многу одамна пред некој друг да ги натера да го воочат, решени се да испукаат цела артилерија од подлости и гомнарии до последен здив. Да го засенат и ослабнат секој кој ќе им застане на патот, сосема случајно и невино. Да го уништат до последниот атом и дискредитираат со она што го поседуваат – својата глупавост и слаб интелект, но притоа непромислена храброст да се викне и некултура да се покаже со прст. Се надевам нема да им никне брадавица на истиот.

Светов некој некогаш го разбираше како поле за меѓународен натпревар на народите. Јас го разбирам како поле за лечење на сопствените фрустрации, меѓународен натпревар на малограѓанштина и исполнување на еден куп слободно време со активности смешни, ниски, безначајни, бесполезни и сосема залудни. Силата на разумот завршува онаму, каде несопирливо извира силата на зборови создадени да навредат, повредат, изнесуваат лаги или невистини, сопствени вистини и квази-вистини. Зборови прости и зборови смешни. Сељачизмот започнува во оној момент, кога со нив ќе се претера.
Честитам. Се наоѓате на ниво – 5 под ground zero.

Его, оргазам, јадење. Три работи потребни за нормално функционирање на психата на секој хомо сапиенс. Затоа што кога ги нема, секој homo станува lupus на другиот homini во размери кои му создаваат комплекс дури и на Путин.
А јагнињата некогаш навистина стивнуваат. Макар и биле црни. Од време на време. Зависи од која перспектива – ги гледа човек.

Ех....

Friday, January 27, 2012

Вкус на денот...паштета à la Jamie Oliver

Баш сум своевидно хедонистичко говедо кое многу често им се препушта до коскена срж на обичните нагони кои будат убави чуства, предизвикуваат оргазам на сите сетила, нирвана состојби или баш онаква таман заситеност од што и да ми носи денот. Или пак од она што си земам по пропис.

Денес ми е денов екстра необично вкусен. Благодарение на заедничкиот појадок на работа и на колешката која донесе домашна паштета по рецепт на славниот Британец, петоков немаше вкус само на кафе.

Рецепт у многу кратки црти на Џејми Оливеровски начин.

Пржите една главица кромид и лук на маслиново масло, и ги тргате на посебна чинија. Во истиот зејтин потпржувате околу 300 грама пилешки џигерчиња со тимијан и со една чаша бренди. Срцевината мора да е розевкаста, а однадвор да се испржени. Односно да не бидат премногу испржени до степен да се тврди ко гума од старо југо.
И нив ги тргате на страна.
Сите состојки ги ставате во блендер (супер сецко алиас раката на тато) со половина масло, додавате зачини од типот на сол, бибер, што и да е и - миксате. Откако ќе се направи некоја убава смеса, истата ја редите во некое тавче или сад од оние за потпечување.
Претходно во рерна ставете цела коцка масло да се стопи и веднаш штом ќе се растече, ја залевате смесава која е во тавчето односно паштетата со него. Маслото уствари помага да издржи паштетата подолго време.  

Паштетата се остава да излади.

Конзумирајте умерено и со тазе пециво, по можност крцкава багета.

Добар тек на свима.
Хвала такоЃе.

Ај сеа во име на ајварот и шарпланинецот, напред наши! Мојов петок и онака има мирис и вкус на паштета.

Мњам!

Monday, January 16, 2012

За СловаЦките работи – таму негде во Братислава, кај езерото или комшилук на малку поинаков начин

Од севкупното мое битисуење во оваа средноевропска метропола, мада се ми се чини дека е више пола него метро или како што љубат да ја истакнат на трамваите и градските автобуси – Bratislava, little big city, најлуд или здраво мрднат да речам во поблага форма е токму 5годишниот период од кога се вселив во едно станче недалеку од строгиот центар на градот, покрај едно романтично езерце кое жителите на овој град го обичаат токму за викендите а го нарекуваат Штрковец. Околу езерцево можеш во слободно време у амерички стил да си трчаш џогингче на супер професионална стаза која е долга околу еден километар. Ставаш слушалките, се растегаш на тревникот, ги растресуваш мускулите и тргнуваш. Во летно време те бодрат од околните кафулиња и клупи, што у суштина може да ти изгледа ко нем филм, затоа што Том Јорк кој се дере директива во твоите уши не ти дозволува да ги чуеш, евентуално да наидеш на група хокејари кои тренираат исто така трчајќи околу езерцево – во спротивен правец. Уствари тоа беше мојата дилема во првите денови кога почнав да трчам, ви текнува де, ко плавушана у вицон – добро бе зошто сите возат у спротивен правец?! А не дека имаш спротивен правец на стаза за трчање, ама кога ќе ти текне на атлетски митинзи како трчаат на стадион конташ дека ти си плавушата у случајов. Небитно. Сите сме некад – плави.
Освен што можеш да трчаш околу езерово, можеш и да се сончаш. Или да фаќаш риби. Рекреативно. Или да маваш сеир на оние кои ги фаќаат. Рекреативно. Или да мрчиш што чиката се крије манијачки позади книга или весник а уствари дошол само за да буљи во женските облини и кривини, јагоди, јаболка, лубеници или уши на кокер шпаниел, зависи, кои летно време морам да признаам се откриени без пардон. Амерички, да признаам. А можеш да избереш да не се замараш воопшто со ништо, да натегнеш ќебето, извадиш книгата, и легнеш да читаш и да кулираш ко тазе отворено изладено Скопско. Сркаш сонце, мирисаш на кокос, и баш ти е се – евентуално после напорниот работен ден.
Летно време можеш да пивнеш пивце со другарите, од другата страна на езерцето, онаму каде што обично врескаат сите деца. На сопствен ризик. Или пак да играш одбојка на песок. Во лето можеш повторно амерички да си изнајмиш кајче и да го веслаш. Ако љубиш да го веслаш з’ш е бесплатно, односно немат платно. Една од поубавите работи кои езерцево ти ги дозволува. Во летно време се препорачува да внимаваш на лебедите. Зае...овај зезнати се. Секогаш на пролет се појавува комплет фамилија со мама лебед, тато лебед, и едно 4 -5 мали лебедчиња меѓу нив двајца. Е кога ќе излезат од езерото, нема галење! Пошто ќе водиш љубов со ежот во спротивно. Колку што се слатки толку се агресивни. Мамето! Во лето езерцево е стварно кул и покрај тоа што капењето во него е забрането. А во зима, ти преостанува единствено да се молиш да е минус неколку степени подолго време, затоа што тогаш езерцево комплетно замрзнува и одеднаш станува зимски стадион под отворено небо каде сите или се лизгаат или пак играат хокеј. Зимски калабалак и детски џагор во билокое време. И се радуваш што можеш да го поминеш езерово попреку, пешки. Шо би рекла другарка ми – е сега сум ко Исус, одам по вода.

Живеам во една од поретките циглени згради во градов – ти се плукнам у комунизмот, грдо го осакати архитектонски овој град на браќата и славата. И не дека е битно тоа дека зградава е циглена, односно нормална, да речам, но чисто информативно да си кажам, затоа што после долгиов муабет за езерцево, почнав да се чуствувам ко фиш. You know.
Зградава е фина. Ама и колоритетот на луѓе кои ме опкружуваат е исто така интересен.

Најлегедарната комшика живее во соседниот влез. И има некоја си чудна фобија од луѓе. Од нивните автомобили. Од неправилно затворање на контајнерите за ѓубре. Од игнорирање на нејзините предупредувања човек да дише помалку звучно. Едноставно – од се. Се мислам, зошто воопшто дошла да живее во град?! И така речиси секое сабајле ме буди нејзиниот продорен глас, кој веќе во 7 наутро будно ги следи комшиите кои ги палат своите коли евентуално фрлаат ѓубре, и дерејќи се ги предупредува да ги затвараат убаво и правилно контајнерите бидејќи ова не е нивното дома, и не треба да се однесуваат ко прасиња, бидејќи ниту дома не се однесуваат така. Денес сабајлево, еден тип и го покажа средниот прст. Два пати. Да добиев цент за секој среден прст на кој случајно сум била сведок, ќе си купев викендица во Кан.
Комшикава освен што може да ви ја слика колата и да ве пријави во полиција за неправилно паркирање (не дај Боже малку да сте паркирани на трева), или освен тоа што може да ви викне полиција заради тоа што со својот автомобил ја вознемирувате, а таа не сака да се чуствува како да живее покрај автопат, си има едно мачкиште кое поправо речено изгледа ко мутирана овца, и мачкиштево милува да го шета како да е куче. И да зборува со него. Го вика Мици и ве вади од памет во ниедно време кога излегувате некаде и одеднаш комшикава како G.I.Jane излегува од некоја грмушка и следејќи ве со очите почнува да создава диверзија со као демек муабетот со мачорот свој.
-         Мицууууш?! Каде си мило?
Евентуално се обидува да го спаси пред бурата која се ближи баш кога Мици решил да се качи – на дрво.
-         Мицууууш, ама симни се те молам, ќе има бура! Да не се караме! Ама Мицуш ме слушаш ли? Бура ќе има симни се од таму! Добро. Јас те предупредив. А ти – како сакаш.
И си замина. Го остави мачорот на милост и немилост на бурата која и не беше толку страшна ако добро се сеќавам.
У суштина и благодарам што постои, затоа што јас како полусеирџиско дете, затоа што сакала нејќела скопската средина ми струи во крвта, сум се изнасмеала на толку многу ситуации предизвикани со дотичнава, што и покрај тоа што освен тоа што е сама од причина што не е баш со сите, заслужува едно книжуле со сите авантури, згоди и незгоди. Мајке ми.

Уствари во зградава има се и сешто. Еднаш доживеав поплава во 1 саат ноќно време. Избезумена, пошто нали – жена сама во домаќинство ти е речиси еквивалентно со армагедон, викнав некојси сервис. Дојдоа експедитивно. Се качија на трети. Открија дека комшиките, две млади девојки, цимерки, ме поплавиле. Се туширале. Заедно! И напраиле беља. И јас бев небитен елемент во целава ситуацијава. Чикава мислеше на две девојки како се бањаат заедно. Не ми помагаше ништо ама до ден денес верувам дека не им наплатил. Очите му беа хипнотизирани ко на којотот, а јас сакав утредента поштено да и честитам на цурата дека добро се снашла синоќа. Тоа што јас имав стрес, не е ни битно. И од тогаш сите мои другари кои дознаа за ситуацијава ми доаѓаат изненадно, неканети на гости. И ме прашуваат кои се цуриве и каде точно живеат.

Втората најбитна работа, ако не и најбитната, е да пазиш кога пушташ машина за перење. До 22.00 да си завршил, затоа што можат да ти викнат полиција. До 22.00 да завршиш со нешто погласниот муабет, затоа што утредента ти оставаат ливчиња на врата дека ако се повтори, те селат од зградата.
Журки и слични буки се строго забранети. Си има закон и сите го употребуваат како најсилен аргумент за заканување.
Шо и не ми пречи. Ми пречи кога се претерува и кога немаат луѓето флексибилно размислување.
И кога немаат храброст да ви тропнат на врата и да ве замолат да сте малку потивки. Наместо тоа ви оставаат неубаво писменце во сандачето со уште „похрабар“ потпис – вашите ненаспани соседи.
Нејсе. Човек мора и тоа да го доживее за да си знае со кого си има работа.

Ми фалат додуше другарите на Рамче качени на коњи, или погледот на Скопска Црна Гора, но морам да признаам дека по некоја иронична случајност, се пронајдов во можеби подеднакво оригинална средина како онаа во која израснав.

Damn! There goes the neighborhood. Again…



Wednesday, January 4, 2012

Ќе се фатиш ли со мене?

Женска! Сакаш ли да се фатиш со мене?

На кој му текнува на оваа прочуена фраза, нека дигне два прста! Кој бил ќарен на овој начин, нека ги дигне сите десет од двете раце. Кој ќарувал и ќарил на овој начин – ја му ги дигам и вадам од термо тегет чорапа преостанатите десет на нозете во знак на длабоко – поштовање друже, поштовање.

Без иронија, и без да мрчам, ама со ризик да звучам така – што in the name of John Wayne ни стана? На сите.
Вожња со такси. Не е битно каде, ниту кога. Не толку дамнешна ниту пак многу блиска.
Особа А: Кај дечкото а?
Особа Б: Не.
Особа А: Епа кај другарка.
Особа Б: Не.
Особа А: Кај другар?
Особа Б: Така нешто.
Особа А: Знам. Тешко е денес. Као демек другари а не сте другари. Као демек пар а не сте ни пар. Као демек мувач, ама ни тоа не е. Не знаеш што е. У наше време беше поедноставно.

Работава – Квиско пита, Горење награђује.

Е беше чика поедноставно, беше и у мое. Време де. Време кога игравме дај царе војску, се кичмевме на долга магарица, се криевме под балкони со пајажини за да лапаме, машките пуштаа прв брк, а девојките испуштаа први врисоци на депилирани влакна, постоеше и такво нешто како достоинствено, официјално стапување во прва (или барем една од првите) пубертетлиска врска строго дефинирана со прашањето – ќе се фатиш ли со мене?
And I now pronounce you – дечко и девојка.
Пау! Огномет ќе ве молам.
Не успеал момаков со комунистички брк уште ни да те зашлапа асално у знак на старт на вашата врска, ти трчаш кај другарките кои испоседнати на клупа те чекаат да им ја соопштиш големата вест за тоа што се случило таму, позади зграда кај 8ми влез, и свикуваш со воодушевување – СЕ ФАТИВМЕ ЕЈ!
Па утредента се прчиш по школските ходници, небаре светинаумски паун, и очекуваш реакции и шепоти од страна – еј знаеш ли со кој се фати оваа вчера? Се додека не го здогледаш твојот нов дечко и театрално да не речам филмски, го бакнеш пред сите и ги отстраниш сите сомневања дека она што сите чуле, е сепак само трач.
И се лапаа среќно – се додека не најдоа некој друг.
Беше, поедноставно, морам да признаам. Постоеја и други модификации на оваа врскозапочнувачка фраза као:
Сакаш да идеме? (употребувана за да се смени малку веќе излитената фраза спомната на самиот вовед)
Сакаш да се ќариш со мене? (употребувана претежно од локални надежни фраеришта обавезно во придружба на меѓузабна чачкалица евентуално мастика со „види ме колку сум јак“ стил на џвакање на истата)
Сакаш да си ми женска? (не баш кул фраза, да признаам, и не баш својствена за фраеризмот на еден типичен пубертетлија, ама ја употребуваа фини и воспитани момци кои евентуално прават рокада на зборчињата како женска со мома, девојка и слично за да не звучат тапа или да не добијат етикета - бубалица)
Ај ма фати се со мене (тука веќе не се ни поставува прашање прибидејќи типот очајно многу сака да се фати со вас, односно да не остане сам, односно не е навикнат да прашува туку само да добива, зависи кој му е проблемот, фраза особено употребувана после првобитно одбивање на девојката последователно степенувана со скратената верзија – ај ма!)
Сакаш да се лапаш со мене? (фраза од првата генерација на мувачи без намера да навлезат во сериозна врска од неколку недели, дури месец – до два, кои сепак, сакаа да се културни и да се осигураат дека барем ќе лапаат да не биде јазично силовање работава)

Да ви кажам. И раскинувањата идеа полесно. Не можеш да се изгубиш туку така и да прекинеш врска со некој. Немаше мобилни за да пишеш порака. На фиксна да вртиш е срамота. Со писма – ризикуваш родителите да прочитаат. Па затоа фино лепо и закажуваш на цурата една партија грицкање сончоглед кај Зуко, евентуално на момакот му закажуваш шетња до горниот супер, и кажуваш во фаца – ти раскинувам. Од сега па натаму не сме дечко и девојка.
Крај. Шмрк.

Денес? Следам, и слушам, и пак гледам и пак слушам и се чудам. Од силно дружење до силно мување, па до останување присилно во врска колку да не се доживее очајот да бидеш сам, а ако имаш поише од 25 – не дај Боже, готово! Молитви ти смислуваат најблиските роднини. Па дури и врски кои се одвиваат и развиваат бавно ко текот на Дунав во Војводина, мрзливо и споро.
И во страв да се дефинира нешто или да не се дефинира, или едноставно од просто немање желба да се дефинира нешто како врска, или како и да сте ја нарекле, се иде на варијанта, лапај, прај што ќе правиш, само не прашувај ништо и се разбира не кажувај ништо.
И кога го следиш сиот оној разнобоен калабалак од врски и ситуации во твоја околина, што би рекла другарка ми – се дружиме интензивно бе, ама за нијанса повеќе се дружам со неговиот пенис, ти надоаѓа така една силна желба да чуеш само едно растреперено и искрено прашање.

Девојко, ќе се фатиш ли со мене?
Да.
Ај сеа да грицкаме семки.
Ај.

Толку.

Tuesday, January 3, 2012

Покриј ме

Во сонот
Утеха наоѓа мојата напрегната мисла
Јавач е на сонцето
Кое го нема

Со очи го силувам небесното синило
Кога го има
И помислувам на времиња
Кога бев
Таму и тогаш мижев пред денот
Кој сепак ме голтна
А јас кикотејќи се, лизгав по него
Чуствував до коскена срж
Се ежев до последниот милиметар на најмалото нокте
И знаев дека
Ме има

Не си оди
Не ме допирај
Не ме сакај
Само викни ме
И додека тонам во сонот
А телото се крие во толпата воздишки на ноќта
И создава симбиоза со твоите телесни виулици
Само покриј ме
Не дозволувај да настинам
Додека те има.