Tuesday, May 22, 2012

Избацивач повеќе од премиер!

Во последно време, често, за моја среќа (или можеби нечија несреќа) сум во Скопје. Почесто од вообичаено.
Се плашев дека ќе добијам морска болест, но добив само скопска болест.
Не. Не се откажав од градот и ДА сеуште работам на планот да се вратам во него, од причини мене познати.
И сериозно, Скопје ме наљути. Уствари не градот. Би било глупаво на цел град да му судам заради 3јца.

САФ едно време викаа, скопска ситуација бурлески. Епа што би рекле во Тајланд, same same but different.
На сите мои странски пријатели, пребацувајќи им на зезалица колку се они друштвено полу-импотентни и како треба да дојдат во Скопје за да видат што е прав ноќен живот, отсекогаш сум им тврдела дека да излезеш во Скопје е токму она вистинското што треба да го доживееш.
И не, не зборам за турбо фолкерај и слични шабанерии, ама иако градот и те како се смени од 2000 па навака, сеуште знам и тврдам, дека навечер во град можеш да си поминеш топ. Може да ти се деси незаборавна скопска ситуација, несекојдневна случка, да сретнеш интересни фаци, и да направиш оригинален неврзан муабет со билокој, во билокое време.

Да. Можеш. Само ако поминеш низ наплатната патарина наречена, избацивач.
Отсекогаш сум слушала како сите мрчат
„Леле ќе ме пуштат ли онаму?“
„Немој вака да се облакаш, нема да не пуштат ради тебе“
„Еј брат пуштаат ли онаму?“
„Ма не идам таму, вчера не ме пуштија“

И се чудев, за што зборат луѓево? 30 години сум жива, а сигурно 15 имам кариера на „излегувач“. Значи можам нескромно да тврдам дека имам искуство во искачање во Скопје, и нитуеднаш не ми се случило, од времето на Кока Кола клуб кабрио, преку Лејди кецот и двојката, Процес и Метропол, Мјузик Гарден, Елемент, Флок, Колосеум, Зен, Парадизо, Хавана, Миднајт….и уште еден куп нови места за неки нови клинци, да ме стопира некој и дрско да ми рече – не може.
Епа, за се има прв пат.

И толку ме на*урчи фактот што некоја будала, која нема основа за култура и учтиво понашање, мене и моите пријатели, сите дечки и девојки во години, кои заработуваат и водат самостоен живот, не помножи со нула, што ми идеше да делам воспитни таа вечер.
Наместо тоа, наместо билокакво образложение, а ко образложение не рачунам мумљање нешто налик на комуникација измеѓу двајца Кромањонци и куцање во мобилен, типот стоеше, не те погледнува во очи, и за да те изиритира уште повеќе, весело пред тебе пушта во клубот дечиња.
Разбирај, 18годишни девојчулиња качени на својата прва, евентуално втора 20ка штикла купена од мама или тато на која едвај се клацка, со своите први набрекнати гради набутани у секси корсет (топ изгледаа да признаам) и со своите последни 100 денари во пликчето од Шутка.
Ние, немавме кратка сукњица – а за муживе па би се чудела кога би ја опнале истата. Немавме ни штикла. Немавме ни плик, ни напрчена патка усна, ниту минивал од шееснека, за среќа знаевме да одиме ко луѓе пошто не бевме качени на платформи на кои и кога ќе се качиме, знаеме да чекориме а не изгледаме ко Дарко Панчев у млади години, и што е најбитно, имавме по некоја пара со нас, да потрошиме на пијачка. Секако дека не намерававме да се заседнеме во поза 58 на шанка, чекајќи некој батка да ни плати една вода.
Сигурно ќе нарачавме вода со додаток К негде измеѓу буквиве пута 10. Ма и повеќе со оглед на тоа дека бевме повеќе луѓе.

И си се замислив. Да беа сега со мене моите странски пријатели на кои толку многу им зборам за ноќниот живот во Скопје, што ли ќе речеа? Не. Прашањето е, што ли ќе им кажев?
Горилава не те пушта.
Зашто?
Онака.
И?
Толку. Ај по дома. Добредојдовте во Скопје, градот, каде што владее тој, што работи на врата во диско.

Мене уствари не ме вреѓа фактот што некаде во некој клуб нема да влезам. Мене ме вреѓа тоа што априори некој мене ме отфрла како муштерија без да ми објасни културно зошто.
Мислам, биди батка колку што стегаш мускули и те молам научи барем една реченица.
Ве молиме, да го ослободите влезот бидејќи….(fill in the blanks).

Барем така функционира ова во сите нормални, европски метрополи. Само кај нас, некој решил да се прави поголем католик од Папата.
И криво ми е што не е битно дали тој истиот вечерва ќе заработи пари од тебе како сериозен клиент, кој планира да се начука ко возрасна стока, затоа што не се тетерави ко младинец после второ пивце, битно е што он се направил фраер и пол со неговото мумљање и пуштање, онака. Како му се припувало.

Пред некој ден читав во НИН, за ситуација пред еден од најпознатите белградски клубови, кога не само што не бил пуштен внатре странски ДиЏеј, туку и се дрзнале батките да го затепаат.
Последната реченица гласеше. Белград, градот, каде што не е битно дали го познаваш менаџерот, битно е дали се знаеш со тој што е на врата.

Колку многу ме потсети на Скопје и колку многу се натажив. Не заради тоа што не сум испила пијачка во Миднајт (јакиот ми клуб), туку дека некој мене најнекултурно и најниско ме деградира како личност која сакала вечерта да постигне статус вреден за местото во кое сакала да влезе.
Ма статусот уопште не е битен. Не е ни битно крај краева дали јас ќе пијам да се опијам, или ќе пијам за да уживам. Моја работа. Битно е дека јас сакам да потрошам некаде пари, и тој некој на кој му ги давам моите пари, од личен интерес треба минимум да е културен со мене.

Е се додека вака (не) функционира системот, ќе стискам заби за наредната посета која ќе ја донесам во мојот град.



Tuesday, February 7, 2012

Кога е така, сакам да е вака. Кога конечно е вака, сакам онака!

Кога е зима, си викаш, кога ќе залади? Па зима е! Кога ќе залади, дај нека се стопли, ѕивра е! Не се трпи. Не се искача. Не се стои. За седење уше помалку. Ладно е бе, ладно еј! Се смрзнав. Маживе изгубија димензии. Леонардо ди Каприо у ладна вода! Јас, ко жена, уште малку и ќе сечам дијаманти. Нема смисла бре!
Кога е суво, дај нека падне снегот, нека покрие сивилава! Кога ќе падне, аман од него, не може нигде да се стигне на раат, се лизгаш, едвај одиш, ни игла штикла не ти помага, ни санка, ни ќеса за под г’з, ни сообраќајот функционира, нит гуми имаш сменето, нит нишо! И пцуеш после 2 дена и снег, и бело, и зима и све. И викаш, дај бре нека пркне пролет.
Ќе пркне пролет и пцуеш цреши, па брези, па јаболки, па липи, пошто си алергичен. На полен, сестро, на полен! Сонцето ти смета. Ни српска слога, ни цвикера не те спашава. Киваш толку често што у старт на кивачкиот маратон на првото „на здравје“ викаш – не мора. Алергија е! Не осеќаш мирис, немаш никаков вкус на јазикот. А богами и очите ти солзат, нит шминка можеш да ставиш, нит ништо. Изгледаш ко набабрена, расипана жолто – црвена пиперка ајварка. За ништо не те бива! Те викаат на кафе на првото пролетно сонце и викаш – не можам, едвај дишам, а и кафе не можам да пијам. Не дај боже некое памучно цветче од тополче да ти се заплетка у ноздрва. Ау! Рафали на пцовки до цел свет.  И пцуеш и пролет, и цвеќиња, и птичици, и ветер, и све! И си викаш, аман лето доаѓај да ме спасиш.
Ете го и летото. Доаѓа. Првите денови уживаш си викаш – добро има ли нешто боље од ова? Едвај две парчиња облека да носам, супер ми е, сонце ме грее, а и тенот ми изгледа топ. И ете. Почнува пеколот. Прво е 30. Па 35. Па 40. Па слушаш на вести – утре ве очекува спарно и жешко време, се препорачува да не излегувате доколку не морате. Се потиш. Ама екстремно. Не можеш ни да гушнеш, ни да бубнеш, ни да си физички активен, ни ништо, затоа што испод мишке, ризик јак, иде Нил. Каков ми ти црни Дунав?
Се сеќавам идевме за Охрид еднаш со другар. Со кабрио. Првин си викаш, филмски! После ти текнува дека тргнуваш во 12 на пладне, а во Скопје пекол. Мислам, дечки, август беше, да не се лажеме. Сериозно – пекол! За 5 минути го проколнував и „филмското“ кабрио на другар ми, и сонцето, и паметот да тргнеме у „најубавото“ време и се. Се лизгаш и лепиш и изгледаш баш – привлечно. Супер привлечно!
Е тоа ми беше муабетот. Се лепиш! Охо ти завидува на силата. За прв пат у живот следиш степен на зрачење и колку е штетно сонцето. Пцуеш бетон и асфалт. Пцуеш паркинзи и пцуеш ветер у лето. Се осеќаш ко некој со фен да ти дува у фаца, и пцуеш, па се потиш па пак пцуеш. Климата одамна не помага. Се чудиш, како ли им било на нашите кога имале на избор – зелена, или црвена платнена ролетна? И цел ден ко крт си живееш у мрак, затоа што да пуштиш макар еден зрак сонце е еднакво на самоубиство! Под жешкото сонце. Ха! Едвај чекаш да отидеш на одмор. Сонцето те пече па се криеш да не те доиспече ко лигња на жар. А толку многу го очекуваше. Се мачкаш вечер со кисело млеко и пак пцуеш. Си викаш, нека пројде летово, нека дувне ладен ветер, аман испоцркавме, природо спашавај. И доаѓа септември, октомври. Почнува да дува. Не престанува, дува и понатаму и почнува и да грми и да врне. Врне, грми и ти дува лисја у фаца. Ладно ти е. Се мислиш у кој момент ќе те дигне у вис и ќе почнеш да изиграваш локална Мери Попинс. Сиво е и тмурно е. Ти се плаче и како солиден метеопат со тапија, паѓаш у тешки депресии. Не искачаш. Го ставаш светот околу тебе на игнор и кенкаш цело време.
Не можам. Ама не можам ме разбираш не можам. Ептен сум даун. Тињаст период е шо да праам.
Си викаш, шо и да е само нека има сонце. И доаѓа сонцето, доаѓа и зимата. На термометарот живата паѓа, стига до нулата, и продолжува и почнуваш да се тресеш. Солидно да се тресеш. Нит цигарче да запалиш ко чоек нит ништо.
Лицето не си го осеќаш, оно – ко да не е твое, а после подолга прошетка колениците ти се набабрени од студот. Имаат и зошто, минус 14 е! Према чика Целзиус!
И пцуеш и зима и све и си викаш, барем да паднеше снегче, ќе беше полесно, а ова?
И паѓа снег. Пишуваш статус на Фејсбук најпрвин од воодушевување а наредниот ден почнуваш да го пцуеш и снегот, и белилото и се што е поврзано со него.
Нешто ко вицот за Канада. Супер земља. Али ово бело говно још увек пада!

И идеш на интервју за работа на кое сосема оригинално и дотогаш нечуено, те прашуваат – знаете ли што точно сакате во животот?
И ко шо ти е јасно каква временска прогноза сакаш да избереш, толку многу ти е јасно што очекуваш од животот.
Па ја би рекла, пензиите да ги покачат и да стигнат на време и се разбира, Македонија да се интегрира во Европа.

А у меѓувреме си мрчиш. Ама што е битно што мрчам?! Пошто додека мрчам, живеам! Така некако идеше таа паметна реченица со дишењето и надежта.

Него, сериозно, пролет ќе пркне ли некад а?

Thursday, February 2, 2012

Помеѓу антиката, барокот и рококото, ѕирка мојот град

Веќе една деценија не живеам во градот кој ме плукна како скоро готов производ и ме лансираше таму негде, во Европа. Полуготов производ по рецепт на Доктор Еткер, речиси. И веќе една деценија, дишам заедно со тој истиот град во кој израснав иако сме на 1000 километри еден од друг.
Другарките и другарите веќе ми удираат или солиден сеир или се зезаат или се сериозни кога ми велат – поголем патриот и Скопјанец од тебе нема.
Не знам дали има и дали треба да се споредувам со некој друг. Не ми е ни битно. Знам само едно, дека на нитуеден друг град не му се радувам така, како што му се радувам на Скопје.
Едвај чекам да идам у Апче и да испијам чаша студена боза и изедам тазе тулумба, по цена другарите да ми ги истушира одстоената дождлива вода насобрана на тендата.
Едвај чекам да станам рано, во недела, и да шетам по тивките улици од Капиштец накај Водно. Па повторно надоле, правец Дебар маало и да мирисам како се крчка неделниот ручек. Да уживам во тишината на градот кога е плус 40 или во црцорот на првите пролетни птичици скриени зад расцветаните цреши или липи.
Едвај чекам да направам tour de bar дали во лето или во зима. Вотка мартини во Излет. Вотка мартини во Кино Карпош. Вотка мартини во Бастион. Вотка мартини во Алка. Вотка мартини во Круг. Вотка мартини во Миднајт. Вотка мартини во Хавана. Вотка мартини во Менада. Вотка мартини у Пивница. Пробај да издржиш до 7 сабајле во Балет. Еј – празни гајби за пиво. Еј многу вотка многу мартини бре! Еј зошто е веќе разденето? Еј колку не ми е битно каде сум, битно ми е со кого сум и дека сум во Скопје.
У склоп со искачанкиве, едвај чекам да лапам лесковачка од Вили, гиро од Гирадико, симитка од Чаирска фурна у ниедно ноќно време – или у солидно сабајлечко време кога последните молекули од Џемс Бонд алкохолот испаруваат.
Едвај чекам да заседнам во некое старо кафанче во Дебар маало, да мезам со моите, да ги слушам бисерите на внука ми, да се смеам до засркнување, да уживам во салатите и во спорото печење на грлото додека ракијата, мастиката, узото, што и да е – клиза низ него.
Едвај чекам да се качам на вовче во парк. Резервирано ми е за пролет. И шеќерна волна ќе ве молам! Е така, нека лепи! Ми е гајле дека немам веќе слатки –наесет. Едвај чекам да легнам на тазе зелената трева во градскиот парк и да гледам во синото небо. Да се изгубам во сите оние бои и да си речам – ми се допаѓа кога гледам што дишам. А потајно се надевам некој од локалните напалени мастурбатори да не се појави од некоја страна, овај грмушка де. Се чудам како не фатив фобија од машки полов орган после сета палета на чудаци и лудаци кои ми се појавиле пред фаца во скопскиот градски парк на сред бел ден! ЛуСКОПСКИдо!
Едвај чекам да се качам во такси и да си напраам домаќински муабет.
-         Девојче, абе денес немаше струја у Радишани, замисли! Нит семафор работи нит ништо!
-         Ахам, е ако де, ама јас у Аеродром идам сега.
-         Е да, значи информацијава не ти е битна а?
-         Ич.
-         А да ти кажам и плинот поскапе, што ќе се праи у оваа немаштија?
-         Не возам на плин. Ама верувам, тешко е.
-         Е тешко е! Па и ова споменициве шо ги праат, на ништо не личат. У овие гужви место надвожњаци, подвожњаци да напраат они лавови тураат. Мада, у гужвиве барем ќе има шанса да ги види човек.
-         Е да.
Домаќински. Природен. Домашен. А јас си слушам и се кезам од шеска до осмица, и обратно.
Едвај чекам да си се симнам до Балила и да си нарачам потпечени тортелини.
Да испушам цигарче и испијам кафе на балкон додека си го гледам крстот на Водно. Во поново и жичарата. И го следам зајдисонцето. Знаете колку е магично? Многу!
Да испокрцкам дузина коски кои ми се драги да испогњавам поштено, бабински, неколку образи од сочно цмокуљање – мња!
Да се засркнам од громогласно смеење, затоа што само моиве будали знаат толку многу да ме насмеат.
Да водам љубов со градот на секој можен начин. Да се гушнеме и да не се пуштиме, како стари пијани другарчиња кои си идат од кафана дома, ко у стара добра времена.

Во последниве неколку наврати кон родното македонско грутче, се обидувам да подзамижам пред реалноста. Вчера сосема случајно наидов на вакво нешто. И на уште нешто. Ќе бидам ли големо патетично лигле ако признаам – дека ми се насолзија очите? Ќе бидам ли последната носталгична иселена скопска будала која вади палома при секоја стара слика од мојот град макар и ме искористиле К15 за пародирање во некој нареден скеч?
А за волја на вистината, ич не ми е гајле како ќе изгледам или звучам. Ама ме боли кога гледам што се случува со мојот град. Скопје ли е ова? Каде се наоѓам? Одамна си велиме со една другарка дека ќе се иселиме на друга планета, затоа што оваа ни е веќе – досадна ко капење на расипана чешма во клише музички видео спотови. И така се чуствувам кога шетам низ Скопје, ко да сум на друга планета а не во друг град. Само се молам да не е тоа онаа планета на која сакаме да се селиме – пошто е тек тогаш сме го јаделе бостанот.
Не сакам да полемизирам, да политизирам ниту пак да анализирам кој кога што и како. Барем не сега. Знам само едно. Дека сум дете на грађевинац. Дете на човек кој учествувал во изградбата на можеби тогаш најбитната зграда во Скопје. Дете на кое истиот тој грађевинац му ги покажувал најубавите агли од главниот град на Македонија. Дете на 80те и 90те години. Дете на Југославија. Дете кое растеше помеѓу благи баумаксовски сивила и модернистички шаренила на новата урбана генерација која се развиваше дваесетина години после земјотресот. Дете кое слушаше и слуша и до ден денес (иако е далеку од дете) прикаски за тоа што се случувало во сите тие тешки моменти во мојот град.

Кој архитектонски садо мазо секс му го удривте на моето Скопје алал да ви е! А Скопје се дере – силовање, нешто ко у Ми нисмо анђели, онака као демек, пали цигара и остава да го силуваат рамнодушно, или принудно со дигнато лево раме – шта ћеш?!
Веќе не ми се ни плаче. Ми се рика! Без глас. Гласот дерејќи се го изгубив. Ерекција на имагинарни триумфи, крунисување на видоизменета малтене непостоечка историја, идентификација со туѓи идентитети и туѓи одбележја. Грди тетоважи кои ништо и никој не може да ги избрише. И да ги избрише – лузната останува.
Скопје поминало во својата историја низ многу. Преживеало два големи земјотреса, пожарот на Пиколомини, поплавите на Вардар, преселби, мешања, војни, истребувања. Проектот Скопје 2014 кој личи на пародија повеќе отколку на сериозна урбанистичка промена на еден главен град, е потежок од сите земјотреси, поплави, дрмања и тресења кои овој град ги надживеа и преживеа.
Ова повеќе не е мое Скопје. Ова е Париз, Каиро, Прага, Карлови Вари, Атина. Жими таквото што го немам. Мижи Асан да ти баам!
Па уште ќе ставале антички „ауфит“ на Владата и на ГТЦ. На ГТЦ еј?! Ај ако не и на Ослободителите пред влада опнете им Calvin Klein боксерица, Fubu широка хип хоперска панталона и Louis Vuitton чантуле у шмизл фазон преку лево раче! Цуцки!

Ова е шунд. Ова е мрсна, кичеста Цеца, Јеца и друга ЦА. Турбо фолк на архитектурата. Ова е кошмар. Будете ме ве молам, не се трпи!
Моето Скопје остана на оние слики кои ги видов. Остана на сликите кои ги имам дома. Остана во мојата глава, остана во моите сеќавања.
Моето Скопје хрчи и се обидува да дише таму некаде помеѓу барокот, рококото и антиката. Давајте некој апарат за одржување во живот, пошто вештачко дишење, повеќе не помага. Евентуално трк по рецепт за воскреснување, затоа што не сакам градот кој ме создаде, да го снема. Нема смисла.

Виновници, од се срце ве бубнувам и со насмевка ве испраќам – марш у илјадашестопеесетиседум лепе!
Ме наку...пардон, налутивте. По не знам кој пат. А толку убаво си почнав.




Tuesday, January 31, 2012

Возев


Возев. Цајканот ме сопре и ми рече – е по овој автопат ти е забрането девојче. Отсега ќе си возиш по друг автопат.
А јас знаците од претходниот ги научив на памет. И ми требаат. Не сакав но морав, да се навикнам на нов асфалт.
Тврд. Ау! Болеше. Паднав. И станав. Влегов во колата и возев. Како луда. Не сопрев. Кривини, угорници, удолници, нови знаци, забрани, наредби. Ми годеше.
Ако. Се прилагодив а во главава мечтаев и мечтаам како ме галеше воздухот додека бев на оној автопатот со дупки. Не ги забележував. Си шибав! Напред и назад, во кружен, влегуваш, излегуваш.

И после толку години искуство по нови патишта и нови автопати, се прашувам. Вредеше сево ова? Сеуште ме боли само кога ќе помислам како беше. Човек знае што имал дури тогаш кога ќе изгуби. А изгубив ли?
Се е на истото место, само јас сум на друг воздух кој ме гуши со својата чистота. Јас сакам воздухот кој го дишам да го гледам. А беливе дробови се навикнати на него. Се совпаѓам во старото како puzzle.

И најмалото камче ми недостига. Затоа што цело е кога има се. Моето се е распрснато на илјада страни, во илјада правци.

По ѓаволите! Ставам во прва од лер и се прашувам, кој би и дал предност на водата пред виното? А мене, не ме ни прашаа.

Incubus, проклети да сте! Гребете со вашата музика во денови, сиви, а сепак сончеви, токму како овој.

Monday, January 30, 2012

Ех...

Ех да можев. Ех да сакав.
Нешто како Колен. Би сакала многу работи наеднаш со ризик да изгледам како хибрид манијак. Нешто ко морско прасе. Или жена програмер. Или авиомува де. Нит леташ, ниту пак цвикерата ти е до тој степен црна и голема.
Нејсе. Битно – желбата да пробаш како е да чекориш во чизмите на оној другиот, е голема. По цена да ти биде неудобно но со цел да дознаеш како и е на другата страна. И можеби тогаш – ќе сфатиш. Дај Боже!

Би сакала да можев да гледам поубаво, за подобро да видам. Човек дури и кога гледа, не е сигурен што видел. Со колкупроцентна сигурност можеш да тврдиш дека ружата е навистина црвена или дека гомцено во тревата е навистина кафеаво?! Кога ќе се приближиш, ружата одамна овенала до степен на некоја сивкаста боја, а гомцето не е гомце, туку е скршено гранче од некое од дрвјата во паркот и ко за чудо на природата има сосема убави нијанси на него.
Би сакала да можев подобро да слушам. Слушам убаво, фала Богу. Гледам да си ги чистам ушите секој ден јес да ме ежат оние памучнине чепкалки, али тоа не е битно. Но дали навистина слушам?! Што дека слушам кога дури после некој извесен временски дијапазон ми резонираат зборовите во главава и сфаќам – дека дури тогаш чув. Не во моментот кога ми било кажано. Сум слушала, но не сум чула, па учтивиот молк му дал сила на соговорникот во дадениот момент.
Би сакала да можев да летам, барем на кратко. Не, не сакам да сум мувата од Acid House (ете ти пак, врти сучи – тоа ти е, мува), но сакам да можев да видам какво е чуството на воздушна слобода која зависи од мене и никој друг. Да не морам да се потресувам турбуленции ли се, моторот ли е, левото крило ли е?
Би сакала да можев да размислувам едноставно на граница со ограничено барем на еден ден. Да немав баш многу многу на избор, да си живеев во моето мало гратче, некаде на периферијата од државата, Богу иза леџа кај што ќе ми прават друштво мувите кои тука се вртат за да се вратат назад од кај шо дошле. Да си имав некои сосема обични и прости двоумења, како – црн или бел леб? Фустан или сукња за Нова година? Турбо фолк или бугарска певаљка? Црвено или жолто? Камен или земја? Работава – сам себе го убиел, да не знаеш што да избереш, пошто избор де факто, немаш и со наведната глава му се прилагодуваш на она, што животот ти го нуди. А на рамнодушноста која во себе ја носиш може да ти завидува и странецот на Ками.
Би сакала, да немав апсолутно ништо. Не дека имам нешто многу. Но чисто за да знам како е на другата страна од реката. (а како тргнале работиве можеби и тоа наскоро сите ќе го дознаеме) Да знам како е да се копа по изметот на човечката цивилизација која сеуште има изобилство од кое може да се, простете, кења, за човек да заработи барем за кришка леб. Ми текна на децата во Индија кои секое утро ги оставаат на периферните депонии за да копаат и де факто рециклираат ѓубриво за минимални пари. Вистински, а не фигуративно, да си ги извалкаш рацете, за да можеш на крајот од денот да ги измиеш и да си купиш по некое залче храна која ќе ја цениш повеќе од самиот себеси. И тогаш ќе сфатиш дека не се чуствуваш ниту валкано, ниту празно, ниту заразено. Затоа што дури и највалканата депонија не е толку заразна како неповторливата сила на човечката глупост, завист, малограѓанштина, снобизам кои го трујат секојдневието на оние кои имаат нешто повеќе во акалот за да имаат време, капацитет, расположение, карактер, желба за истите.
Би сакала, да имам повеќе време и повеќе удобност за да можам да си го пополнам секој слободен миг со елементарни, ниски задоволства. Да почуствувам како е да дегустираш измет малтене на дневен ред. Да не речам, да јадеш гомна. А ќе речам.
Би сакала да можев да паднам ниско за да знам какво е чуството. Човек е суштество непостојано. Природно се развива и во текот на таа своја животна Голгота паѓа. Се сопнува. Го сопнуваат. Прави грешки. Извлекува поука. Се поправа себеси. Се кае, или не. Сфаќа или не. Губи. Губи некогаш многу. Се витка од болка и од тага. Човек е суштество емотивно, се шокира, изненадува, разочарува, поретко или почесто. Плаче или се смее. Се срами или не за тоа дека ги покажал своите емоции пред некој друг. Сеедно е. Но како е да паднеш на тестот да бидеш нормален, достоинствен и барем малку човечен, што и да значеше тоа особено во денешнава мрднатост, за да се однесуваш учтиво и културно во најмала рака, а да не зборувам за тоа да си фер и разумен? Се прашувам. Се чудам. Се думам.

Во суштина би сакала да можев да прошетам во туѓите чизми за да разберам што им е на луѓево денес? Се изгубија ли до толку во сопственото его што кога нешто малку ќе им ја поткопа или поткрши самобендисаноста до степен да сфатат дека не се центарот на светот и дека сепак се врти – ама околу сонцето да му се сневиди, не околу нив,  и макар и биле свесни за истото тоа многу одамна пред некој друг да ги натера да го воочат, решени се да испукаат цела артилерија од подлости и гомнарии до последен здив. Да го засенат и ослабнат секој кој ќе им застане на патот, сосема случајно и невино. Да го уништат до последниот атом и дискредитираат со она што го поседуваат – својата глупавост и слаб интелект, но притоа непромислена храброст да се викне и некултура да се покаже со прст. Се надевам нема да им никне брадавица на истиот.

Светов некој некогаш го разбираше како поле за меѓународен натпревар на народите. Јас го разбирам како поле за лечење на сопствените фрустрации, меѓународен натпревар на малограѓанштина и исполнување на еден куп слободно време со активности смешни, ниски, безначајни, бесполезни и сосема залудни. Силата на разумот завршува онаму, каде несопирливо извира силата на зборови создадени да навредат, повредат, изнесуваат лаги или невистини, сопствени вистини и квази-вистини. Зборови прости и зборови смешни. Сељачизмот започнува во оној момент, кога со нив ќе се претера.
Честитам. Се наоѓате на ниво – 5 под ground zero.

Его, оргазам, јадење. Три работи потребни за нормално функционирање на психата на секој хомо сапиенс. Затоа што кога ги нема, секој homo станува lupus на другиот homini во размери кои му создаваат комплекс дури и на Путин.
А јагнињата некогаш навистина стивнуваат. Макар и биле црни. Од време на време. Зависи од која перспектива – ги гледа човек.

Ех....

Friday, January 27, 2012

Вкус на денот...паштета à la Jamie Oliver

Баш сум своевидно хедонистичко говедо кое многу често им се препушта до коскена срж на обичните нагони кои будат убави чуства, предизвикуваат оргазам на сите сетила, нирвана состојби или баш онаква таман заситеност од што и да ми носи денот. Или пак од она што си земам по пропис.

Денес ми е денов екстра необично вкусен. Благодарение на заедничкиот појадок на работа и на колешката која донесе домашна паштета по рецепт на славниот Британец, петоков немаше вкус само на кафе.

Рецепт у многу кратки црти на Џејми Оливеровски начин.

Пржите една главица кромид и лук на маслиново масло, и ги тргате на посебна чинија. Во истиот зејтин потпржувате околу 300 грама пилешки џигерчиња со тимијан и со една чаша бренди. Срцевината мора да е розевкаста, а однадвор да се испржени. Односно да не бидат премногу испржени до степен да се тврди ко гума од старо југо.
И нив ги тргате на страна.
Сите состојки ги ставате во блендер (супер сецко алиас раката на тато) со половина масло, додавате зачини од типот на сол, бибер, што и да е и - миксате. Откако ќе се направи некоја убава смеса, истата ја редите во некое тавче или сад од оние за потпечување.
Претходно во рерна ставете цела коцка масло да се стопи и веднаш штом ќе се растече, ја залевате смесава која е во тавчето односно паштетата со него. Маслото уствари помага да издржи паштетата подолго време.  

Паштетата се остава да излади.

Конзумирајте умерено и со тазе пециво, по можност крцкава багета.

Добар тек на свима.
Хвала такоЃе.

Ај сеа во име на ајварот и шарпланинецот, напред наши! Мојов петок и онака има мирис и вкус на паштета.

Мњам!

Monday, January 16, 2012

За СловаЦките работи – таму негде во Братислава, кај езерото или комшилук на малку поинаков начин

Од севкупното мое битисуење во оваа средноевропска метропола, мада се ми се чини дека е више пола него метро или како што љубат да ја истакнат на трамваите и градските автобуси – Bratislava, little big city, најлуд или здраво мрднат да речам во поблага форма е токму 5годишниот период од кога се вселив во едно станче недалеку од строгиот центар на градот, покрај едно романтично езерце кое жителите на овој град го обичаат токму за викендите а го нарекуваат Штрковец. Околу езерцево можеш во слободно време у амерички стил да си трчаш џогингче на супер професионална стаза која е долга околу еден километар. Ставаш слушалките, се растегаш на тревникот, ги растресуваш мускулите и тргнуваш. Во летно време те бодрат од околните кафулиња и клупи, што у суштина може да ти изгледа ко нем филм, затоа што Том Јорк кој се дере директива во твоите уши не ти дозволува да ги чуеш, евентуално да наидеш на група хокејари кои тренираат исто така трчајќи околу езерцево – во спротивен правец. Уствари тоа беше мојата дилема во првите денови кога почнав да трчам, ви текнува де, ко плавушана у вицон – добро бе зошто сите возат у спротивен правец?! А не дека имаш спротивен правец на стаза за трчање, ама кога ќе ти текне на атлетски митинзи како трчаат на стадион конташ дека ти си плавушата у случајов. Небитно. Сите сме некад – плави.
Освен што можеш да трчаш околу езерово, можеш и да се сончаш. Или да фаќаш риби. Рекреативно. Или да маваш сеир на оние кои ги фаќаат. Рекреативно. Или да мрчиш што чиката се крије манијачки позади книга или весник а уствари дошол само за да буљи во женските облини и кривини, јагоди, јаболка, лубеници или уши на кокер шпаниел, зависи, кои летно време морам да признаам се откриени без пардон. Амерички, да признаам. А можеш да избереш да не се замараш воопшто со ништо, да натегнеш ќебето, извадиш книгата, и легнеш да читаш и да кулираш ко тазе отворено изладено Скопско. Сркаш сонце, мирисаш на кокос, и баш ти е се – евентуално после напорниот работен ден.
Летно време можеш да пивнеш пивце со другарите, од другата страна на езерцето, онаму каде што обично врескаат сите деца. На сопствен ризик. Или пак да играш одбојка на песок. Во лето можеш повторно амерички да си изнајмиш кајче и да го веслаш. Ако љубиш да го веслаш з’ш е бесплатно, односно немат платно. Една од поубавите работи кои езерцево ти ги дозволува. Во летно време се препорачува да внимаваш на лебедите. Зае...овај зезнати се. Секогаш на пролет се појавува комплет фамилија со мама лебед, тато лебед, и едно 4 -5 мали лебедчиња меѓу нив двајца. Е кога ќе излезат од езерото, нема галење! Пошто ќе водиш љубов со ежот во спротивно. Колку што се слатки толку се агресивни. Мамето! Во лето езерцево е стварно кул и покрај тоа што капењето во него е забрането. А во зима, ти преостанува единствено да се молиш да е минус неколку степени подолго време, затоа што тогаш езерцево комплетно замрзнува и одеднаш станува зимски стадион под отворено небо каде сите или се лизгаат или пак играат хокеј. Зимски калабалак и детски џагор во билокое време. И се радуваш што можеш да го поминеш езерово попреку, пешки. Шо би рекла другарка ми – е сега сум ко Исус, одам по вода.

Живеам во една од поретките циглени згради во градов – ти се плукнам у комунизмот, грдо го осакати архитектонски овој град на браќата и славата. И не дека е битно тоа дека зградава е циглена, односно нормална, да речам, но чисто информативно да си кажам, затоа што после долгиов муабет за езерцево, почнав да се чуствувам ко фиш. You know.
Зградава е фина. Ама и колоритетот на луѓе кои ме опкружуваат е исто така интересен.

Најлегедарната комшика живее во соседниот влез. И има некоја си чудна фобија од луѓе. Од нивните автомобили. Од неправилно затворање на контајнерите за ѓубре. Од игнорирање на нејзините предупредувања човек да дише помалку звучно. Едноставно – од се. Се мислам, зошто воопшто дошла да живее во град?! И така речиси секое сабајле ме буди нејзиниот продорен глас, кој веќе во 7 наутро будно ги следи комшиите кои ги палат своите коли евентуално фрлаат ѓубре, и дерејќи се ги предупредува да ги затвараат убаво и правилно контајнерите бидејќи ова не е нивното дома, и не треба да се однесуваат ко прасиња, бидејќи ниту дома не се однесуваат така. Денес сабајлево, еден тип и го покажа средниот прст. Два пати. Да добиев цент за секој среден прст на кој случајно сум била сведок, ќе си купев викендица во Кан.
Комшикава освен што може да ви ја слика колата и да ве пријави во полиција за неправилно паркирање (не дај Боже малку да сте паркирани на трева), или освен тоа што може да ви викне полиција заради тоа што со својот автомобил ја вознемирувате, а таа не сака да се чуствува како да живее покрај автопат, си има едно мачкиште кое поправо речено изгледа ко мутирана овца, и мачкиштево милува да го шета како да е куче. И да зборува со него. Го вика Мици и ве вади од памет во ниедно време кога излегувате некаде и одеднаш комшикава како G.I.Jane излегува од некоја грмушка и следејќи ве со очите почнува да создава диверзија со као демек муабетот со мачорот свој.
-         Мицууууш?! Каде си мило?
Евентуално се обидува да го спаси пред бурата која се ближи баш кога Мици решил да се качи – на дрво.
-         Мицууууш, ама симни се те молам, ќе има бура! Да не се караме! Ама Мицуш ме слушаш ли? Бура ќе има симни се од таму! Добро. Јас те предупредив. А ти – како сакаш.
И си замина. Го остави мачорот на милост и немилост на бурата која и не беше толку страшна ако добро се сеќавам.
У суштина и благодарам што постои, затоа што јас како полусеирџиско дете, затоа што сакала нејќела скопската средина ми струи во крвта, сум се изнасмеала на толку многу ситуации предизвикани со дотичнава, што и покрај тоа што освен тоа што е сама од причина што не е баш со сите, заслужува едно книжуле со сите авантури, згоди и незгоди. Мајке ми.

Уствари во зградава има се и сешто. Еднаш доживеав поплава во 1 саат ноќно време. Избезумена, пошто нали – жена сама во домаќинство ти е речиси еквивалентно со армагедон, викнав некојси сервис. Дојдоа експедитивно. Се качија на трети. Открија дека комшиките, две млади девојки, цимерки, ме поплавиле. Се туширале. Заедно! И напраиле беља. И јас бев небитен елемент во целава ситуацијава. Чикава мислеше на две девојки како се бањаат заедно. Не ми помагаше ништо ама до ден денес верувам дека не им наплатил. Очите му беа хипнотизирани ко на којотот, а јас сакав утредента поштено да и честитам на цурата дека добро се снашла синоќа. Тоа што јас имав стрес, не е ни битно. И од тогаш сите мои другари кои дознаа за ситуацијава ми доаѓаат изненадно, неканети на гости. И ме прашуваат кои се цуриве и каде точно живеат.

Втората најбитна работа, ако не и најбитната, е да пазиш кога пушташ машина за перење. До 22.00 да си завршил, затоа што можат да ти викнат полиција. До 22.00 да завршиш со нешто погласниот муабет, затоа што утредента ти оставаат ливчиња на врата дека ако се повтори, те селат од зградата.
Журки и слични буки се строго забранети. Си има закон и сите го употребуваат како најсилен аргумент за заканување.
Шо и не ми пречи. Ми пречи кога се претерува и кога немаат луѓето флексибилно размислување.
И кога немаат храброст да ви тропнат на врата и да ве замолат да сте малку потивки. Наместо тоа ви оставаат неубаво писменце во сандачето со уште „похрабар“ потпис – вашите ненаспани соседи.
Нејсе. Човек мора и тоа да го доживее за да си знае со кого си има работа.

Ми фалат додуше другарите на Рамче качени на коњи, или погледот на Скопска Црна Гора, но морам да признаам дека по некоја иронична случајност, се пронајдов во можеби подеднакво оригинална средина како онаа во која израснав.

Damn! There goes the neighborhood. Again…



Wednesday, January 4, 2012

Ќе се фатиш ли со мене?

Женска! Сакаш ли да се фатиш со мене?

На кој му текнува на оваа прочуена фраза, нека дигне два прста! Кој бил ќарен на овој начин, нека ги дигне сите десет од двете раце. Кој ќарувал и ќарил на овој начин – ја му ги дигам и вадам од термо тегет чорапа преостанатите десет на нозете во знак на длабоко – поштовање друже, поштовање.

Без иронија, и без да мрчам, ама со ризик да звучам така – што in the name of John Wayne ни стана? На сите.
Вожња со такси. Не е битно каде, ниту кога. Не толку дамнешна ниту пак многу блиска.
Особа А: Кај дечкото а?
Особа Б: Не.
Особа А: Епа кај другарка.
Особа Б: Не.
Особа А: Кај другар?
Особа Б: Така нешто.
Особа А: Знам. Тешко е денес. Као демек другари а не сте другари. Као демек пар а не сте ни пар. Као демек мувач, ама ни тоа не е. Не знаеш што е. У наше време беше поедноставно.

Работава – Квиско пита, Горење награђује.

Е беше чика поедноставно, беше и у мое. Време де. Време кога игравме дај царе војску, се кичмевме на долга магарица, се криевме под балкони со пајажини за да лапаме, машките пуштаа прв брк, а девојките испуштаа први врисоци на депилирани влакна, постоеше и такво нешто како достоинствено, официјално стапување во прва (или барем една од првите) пубертетлиска врска строго дефинирана со прашањето – ќе се фатиш ли со мене?
And I now pronounce you – дечко и девојка.
Пау! Огномет ќе ве молам.
Не успеал момаков со комунистички брк уште ни да те зашлапа асално у знак на старт на вашата врска, ти трчаш кај другарките кои испоседнати на клупа те чекаат да им ја соопштиш големата вест за тоа што се случило таму, позади зграда кај 8ми влез, и свикуваш со воодушевување – СЕ ФАТИВМЕ ЕЈ!
Па утредента се прчиш по школските ходници, небаре светинаумски паун, и очекуваш реакции и шепоти од страна – еј знаеш ли со кој се фати оваа вчера? Се додека не го здогледаш твојот нов дечко и театрално да не речам филмски, го бакнеш пред сите и ги отстраниш сите сомневања дека она што сите чуле, е сепак само трач.
И се лапаа среќно – се додека не најдоа некој друг.
Беше, поедноставно, морам да признаам. Постоеја и други модификации на оваа врскозапочнувачка фраза као:
Сакаш да идеме? (употребувана за да се смени малку веќе излитената фраза спомната на самиот вовед)
Сакаш да се ќариш со мене? (употребувана претежно од локални надежни фраеришта обавезно во придружба на меѓузабна чачкалица евентуално мастика со „види ме колку сум јак“ стил на џвакање на истата)
Сакаш да си ми женска? (не баш кул фраза, да признаам, и не баш својствена за фраеризмот на еден типичен пубертетлија, ама ја употребуваа фини и воспитани момци кои евентуално прават рокада на зборчињата како женска со мома, девојка и слично за да не звучат тапа или да не добијат етикета - бубалица)
Ај ма фати се со мене (тука веќе не се ни поставува прашање прибидејќи типот очајно многу сака да се фати со вас, односно да не остане сам, односно не е навикнат да прашува туку само да добива, зависи кој му е проблемот, фраза особено употребувана после првобитно одбивање на девојката последователно степенувана со скратената верзија – ај ма!)
Сакаш да се лапаш со мене? (фраза од првата генерација на мувачи без намера да навлезат во сериозна врска од неколку недели, дури месец – до два, кои сепак, сакаа да се културни и да се осигураат дека барем ќе лапаат да не биде јазично силовање работава)

Да ви кажам. И раскинувањата идеа полесно. Не можеш да се изгубиш туку така и да прекинеш врска со некој. Немаше мобилни за да пишеш порака. На фиксна да вртиш е срамота. Со писма – ризикуваш родителите да прочитаат. Па затоа фино лепо и закажуваш на цурата една партија грицкање сончоглед кај Зуко, евентуално на момакот му закажуваш шетња до горниот супер, и кажуваш во фаца – ти раскинувам. Од сега па натаму не сме дечко и девојка.
Крај. Шмрк.

Денес? Следам, и слушам, и пак гледам и пак слушам и се чудам. Од силно дружење до силно мување, па до останување присилно во врска колку да не се доживее очајот да бидеш сам, а ако имаш поише од 25 – не дај Боже, готово! Молитви ти смислуваат најблиските роднини. Па дури и врски кои се одвиваат и развиваат бавно ко текот на Дунав во Војводина, мрзливо и споро.
И во страв да се дефинира нешто или да не се дефинира, или едноставно од просто немање желба да се дефинира нешто како врска, или како и да сте ја нарекле, се иде на варијанта, лапај, прај што ќе правиш, само не прашувај ништо и се разбира не кажувај ништо.
И кога го следиш сиот оној разнобоен калабалак од врски и ситуации во твоја околина, што би рекла другарка ми – се дружиме интензивно бе, ама за нијанса повеќе се дружам со неговиот пенис, ти надоаѓа така една силна желба да чуеш само едно растреперено и искрено прашање.

Девојко, ќе се фатиш ли со мене?
Да.
Ај сеа да грицкаме семки.
Ај.

Толку.

Tuesday, January 3, 2012

Покриј ме

Во сонот
Утеха наоѓа мојата напрегната мисла
Јавач е на сонцето
Кое го нема

Со очи го силувам небесното синило
Кога го има
И помислувам на времиња
Кога бев
Таму и тогаш мижев пред денот
Кој сепак ме голтна
А јас кикотејќи се, лизгав по него
Чуствував до коскена срж
Се ежев до последниот милиметар на најмалото нокте
И знаев дека
Ме има

Не си оди
Не ме допирај
Не ме сакај
Само викни ме
И додека тонам во сонот
А телото се крие во толпата воздишки на ноќта
И создава симбиоза со твоите телесни виулици
Само покриј ме
Не дозволувај да настинам
Додека те има.