Tuesday, November 29, 2011

Друже Тито...

Друже Тито...

Се родив во други времиња. Живеев во други времиња. Доживеав промени на политички системи, уредувања, променив не само географски туку дури и без да мрднам со малото прсте неколку држави. Оно беше прво као социјалистичка федеративна, па само социјалистичка, па потоа остана и социјалистичка, и федеративна само не беше веќе Југославија, беше Македонија, па после као не беше ни социјалистичка, уште помалку федеративна туку само република, демократска, Македонија, за на крај да не биде ни баш Македонија - Македонија туку замисли, повторно југословенска, ама бивша де, република сеуште и Македонија сеуште. До кога? Датум познат колку што ми е познато кога ќе ме опне (pardon my French) Ryan Gosling. Дури и ова второво ми е посигурно.
Се вели дека во Азија една фраза треба да ја знаеш за да се снајдеш секаде – same same…but different. Епа баш така некако му доаѓа и со претходново.

Но не тоа сакав. Сакав всушност да се потсетам на сите оние бразди кои мојот мозок ги носи до ден денес благодарение на времињата дамнешни, почетни, времињата кога бев безгрижно дете и единствената нервоза ми ја создаваа дечињата кои сакаа да ги допрат кадриците на мојата непослушна коса. Здодевно! Признајте.
Се сеќавам дека татко ми дома чуваше огромна книга со еден збрчкавен чичко со некое војничко капче со илјадници шарени желевца на истото, сликан во профил на којашто пишуваше – ТИТО. Си велев кој е чичево и зошто го чуваме? Дедо да не ми е? Потоа открив дека изгледа на сите им е дедо, затоа што сите ја имаа дома истата оваа книга. Чудно.
Кога отидов прв пат на училиште, што да видам, чикава овој пат сликан en face ме пречекуваше на слика во секоја училница. Пази молим те дури и во букварот го имаше. И првото четиво во него – Тито сите не гледа. Нешто као цело одделение се потепале околу тоа кого всушност Тито го гледа а јас со моето детско главче се чудев и си велев – е добро де, и јас сите ги гледам кога сум на слика па не направиле четиво за мене.
Оној кој не знаеше каде е роден, кога, со кого се дружел, што правел во слободно време, какво кафе пиел, ракијата со што ја мезел и други не баш слични ама подеднакво битни детали од неговиот приватен па и јавен живот – автоматски добиваше кец и мижеше во ќоше цел ден. Срамота! Што би се рекло, помал срам да те фати ако не дај Боже заборавиш како се викаш, отколку да не знаеш нешто за другарот Тито.
Знам исто така, дека околу 25 мај, сите стоевме на веќе жешкото скопско сонце, и голтајќи прав од улицата чекавме да поминат некои младинци со штафета во раката а ние да ги пречекаме со летечки каранфили. Целово „журче“ траеше нецели 2 минути а јас возбудено дома раскажував.
Ги чекавме! И чекавме, и чекавме.
А после?
Епа после дојдоа и – ојде каранфилот! Мајка ми правеше гимнастика со очите мислиш вежба за роденденскиот собир во Белград, тато ме погали и ми рече – браво! Ете ти.
Знам и дека ветувавме со бели кошули, црвени марами и сини капчиња на главата со петокраки, дека даваме чесен титов пионерски збор и станувавме – пионери. Што и да значеше тоа.
Едно време не тераа да носиме и сини кецељи. Боже о Боже и Амон Ра и Зевс, колку беа грозни! Мајка ми отиде во школо и ја искара, разбирај, поштено ја спука мојата учителка со зборовите – ќерка ми ви личи на Мао Це Тунг? Не? Ни на мене не ми личи, па не ме терајте да и ја облекувам оваа грозна, груба, сина униформа. 1:0 за мама! Ха!
Е можеби ја избегнав судбината да изгледам како кинеско работниче од кај Мао, но на секој настап за патронатот на нашето училиште задолжително игравме по фармерки, бели кошули и црвени марами. Ау! Страва!
Во истото тоа време, на 4ти мај во точно 15.00 се пуштаа сирените и сите ја одбележуваа смртта на другарот Тито со комплетно запирање на своите автомобили и излегување од истите. А ние, деца, кои немаат поим само знаат дека треба да се излезе, се договаравме
- Еј у 3 биди пред зграда, ќе стоиме.
И стоевме. Ко кипови. Горди деца на југословенскиот пролетеријат, ма здраво!

Во тие времиња одевме на море, и велевме – на наше. Си викав, ајде, можеби секој може да си земе во кантиче за по дома, да си има, ете затоа е наше.
Се палевме на Југословенка од Лепа Брена, не ги заклучувавме вратите, никој не крадеше и знаете што? Кога патувавме низ Југославија татко ми не се плашеше да ја тргне колата на страна, на автопат и да си дремне. Остануваше жив!
Научивме да ги употребуваме наредниве фрази и зборови:
(веќе спомнатата) Тито сите не гледа;
растеме под знамето на Тито;
и по Тито – Тито;
друже Тито ми ти се кунемо – да са твога пута не скренемо;
вака така стана петокрака;
ех што ми е мило ем драго, млада партизанка да станам;
хеј нек се чује чује хеј нек се зна да је млада партизанка борбу водила;
прваче сум веќе, вистина е цела во жили ми тече, крв титовска врела;
братство и единство;
тито партија;
омладинска акција
и што би рекле нашите водителки од истото тоа време кога најавуваа звучни музички имиња – И многу други.

Сонувавме да го видиме музејот на Тито, да го посетиме гробот, се сакавме сите сложно, вртевме ора, се палевме на Хеј Словени, а кога ќе одекнеше полската химна ги пцуевме како само ни ја украле. И потоа комплетно се се смени. Ни рекоа дека не е убаво да се сака другарот Тито, дека он уствари бил своевиден хоштаплер, дека сега сме самостојни а не Југословени, со баба ми повеќе не зборував на српски туку само на македонски, Словенците подоцна ги пцуевме дека ни го украле ајварот – а на Алпите пиперки ајварки нема, војниците на кои со таква љубов им рецитиравме по касарните истите тие ги пустошеа и си отидоа од земјава, тато ја тргна книгата за Тито и ја однесе во подрум....се случија ред работи кои не знаев сеуште што точно значат, но имав некое горчливо чуство заради нив.
За да веќе во пубертетот се декларирам како голем ју-носталгичар и плачам на песните од Црвена јабука или Бијело дугме, а подоцна се запишам во средното училиште кое како единствено не го шрктна името на Тито од својата зграда. Се разбира од сосема други причини.

И Тито повторно мене ме гледаше. Всушност – сите не гледаше.

Не знам дали беше навистина хоштаплер, не знам зошто одеднаш стана лошо да се декларираш како Југословен а беше гордост да се лупаш во десна груда дека си Македонец. Не знам дали навистина Југославија имаше толку тежок комунизам или луѓето претеруваа колку да претеруваат. Можеби бев среќна што никој од моите не беше пратен на Голи Оток. Можеби.

Јас знам само дека денес е 29ти ноември. Дека Тито сите не гледаше. Дека јас имав безгрижно детство и дека со црвена марама или не, му кажав чао на истото принудно, нагло, со сила.
Во неговиот музеј има една слика вика, махни баки. Симболично ве испраќа на излезот од него.
А јас само се мислам – дали успеавме навистина да се збогуваме со едно време, или секогаш во нас ќе ги носиме трагите на истото со ризик да бидеме пејоративно нарекувани ју-носталгичари?!  

Ја користам оваа блогерска прилика да им посакам среќен празник на последните југословенски мохиканци и да им кажам, во случај да не сте успеале да го направите на време – мавнете. За да не ве мавне времето вас.




Thursday, November 24, 2011

Кој лапа...

Кој лапа...блазе си му.

Лапање е институција. Не еднаш сум рекла.

Седиме со другарка ми кај неа, растегнати и раскенкани на тросед и гледавме се сеќавам некој си сериски за факултетлии. Што да не?! Глумците имаат солидно 30че а глумат 20годишњаци. Се јаде.
Нејсе. Офкаме и стенкаме за главниот лик кој изгледа проклето добро, таман толку добро да се испозаљубиш платонски во истиот, и тој ја залапува главната мома во истоимениот сериски. И....се лапаат. Сркаме наизменично кафе јас и другарка ми а овие мислиш крајниците ќе си ги извадат секој момент.
Воздишки и лапање. Целата епизода се претвори во еден огромен лапачки маратон испреплетен со класичните филмски реченици на Америте – ако сакаш душо, ќе те почекам, не мора да брзаме.

И додека двајцава се воздржуваат од сексуални задоволства затоа што правилно било по амерички стандард да се чека, се лапаат ли лапаат. Другарка ми воздивнува и вели – ееех лапање, колку е јако! Колку само се преценети врските а колку е потценета првата фаза на секоја една врска.
Морам да признаам дека на некој начин беше сосема во право.

Ми текнува на првото лапање. Креле, некојасиодделенка бев. Први симпатии, ти се свиѓа овој, ти се свиѓа оној, косата на тој таму му била густа, а на оној слатко виткана, на третиот симпатично бушава и ти доаѓа желба да лапаш. Кој би рекол дека небитна ствар као коса на некој дечко ќе ти создаде невиден апетит за – лапање.
Другарка ти ти бута со сила лижавче во уста и врти со него. Едвај пропелтечувам – а бре што правиш?!
- Ќууути и врти со тоа јазикот. Ова ти е припрема за лапање.
И така јас прв пат лапав – лижавче. Со вкус на вишња ако веќе морам да прецизирам. А не морам.

И до ден денешен ме скокотка помислата какво ли беше чуството да лапаш и само да лапаш, без да продолжиш со ништо друго после лапањето? Те носи во парк, ти купува сладолед, од куртоазија шета со тебе некој час, два. Прашања како кој ти е омилен глумец, глумица, спортист или книга се ептен бонус. Па те носи на некоја темна клупа, те зграпчува и – те лапа. Пиштоли пукаат, преку фармерка или преку тренерка (уште поарно) чуствуваш ерекции, радости, возбуда, се на едно место и додека истата таа ерекција ти ја скокотка ногата, бутчето, што и да е...лапаш и среќна си што в’тиш со тоа јазикот.
Утредента јазик те боли, усните ти се црвени, во време кога кај мажите се јавува прв пубертетлиски брк и брада, дури и брадата ти е цела црвена од гребење, по некое шљивче на вратот. Ма јок. Не те тангира апсолутно ништо – се смееш напукана со ендорфини и си велиш – леле колку сум лапала вчера еј!

Лапање може да ти е и извор на разочарување и може сериозно да доведе до тажечки жалопојки и кукумјавчење од страна на девојките.
- И замисли играме стискавац синоќа на сентиш, ме гушка, ме гали и не ме залапа идиотот еј! Свашта!
Евентуално.
- Лапаше вчера?
- Не бе! Ништо. Тапа.
Или.
- Добро ли лапа?
- Ау тапа е еј! Се лигави, не знае да врти со тоа јазикот, добро бе, со лижавче не ли го спремил никој?!

И конташ дека вечерта не е успешна затоа што никој не те залапал евентуално и да биднало, било лошо ко јадењето кое ни го правеа во градинка.
Кај мажите муабетот во стилот на Тоше.
- Шо бе шо не ми дае да ја залапам? Сум лапал у Булевар, сум лапал у Манда, сум лапал...у Булевар два пути ај шетај!
Евентуално.
- Вчера лапав една риба.
- Добра беше?
- Топ.

И ден денес лапање ми е мене институција. Алфа и омега, движечка сила на адреналински подвизи, предигра. Не бакнување, не љубење, не бацување, не лигавење, просто, сељачки речено, искрено мислено, заносно, возбудливо – лапање.
Носталгија бре носталгија. Па се криеш да не те видат родителите. Едвај чекаш да го видиш за да го залапаш. Едвај чекаш да се сокриете во школското купатило за да се лапате. Колку треба да е голема возбудата за да не ја забележиш онаа ужасна смрдеа а за врева по ходниците да не зборувам и упорно да лапаш?
Фино бе, што знам.
И фино е кога избегнуваш ќебапчиња, кромид, лук затоа што знаеш или барем претпоставуваш дека – ќе лапаш.
Не го потценувам до ден денес и не го изоставувам никако.
Или толку ли станавме возрасни и зафатени со секојдневието што го убивме комплетно детето во нас, да не речам пубертетлијата кој ни носи фино скокоткање во желудникот?  

Лапање, институција е, јас ви кажувам. Кој лапа....блазе си му. Сериозно.



Wednesday, November 23, 2011

Комши...колку тоа моќно звучи

Изутринава добив мејл. Од блиска пријателка. Ми рече – комшиката ми донесе кифлички, кашкавалче, кулен. И ми рече уште една работа.
Еј знаеш дека животот без добри комшии е посиромашен?
Ме замисли. Сиромашен е. Тажен е. Знам. О колку само знам.
Комшилук – колку тоа моќно звучи! Едно од главните одбележја на македонштината, на македонското битисување, на македонското секојдневие.
За жал не веќе дел од моето секојдневие. Денес да ме праша човек – не си ги знам комшиите. Имам едно лудо, но екстремно галантно дедуле од десно кој кога ќе ме сретне ми ја бакнува раката и ми се поклонува. Но не знам како се вика. И сретнувањето е 2 пати годишно. А јас два пати годишно се чуствувам како Марија Антоанета. Од лево пак живее фино средновечно маже кое секој пат дури манијакално се насмевнува кога ќе ме види. Изразот му вели „знам што правиш во спалната“ – а за воља на вистината, спалната и неговиот стан ни ги дели само еден ѕид.
Толку. Другите не ги познавам. Над мене пред некое време дознав дека живаат едни две популарни пејачки, но заради нивната професионална ангажираност ниту нив не сум ги забележала, а кога ме поплавија еднаш во очај пуштив по некоја солза затоа што иако комшиите беа дома, на моето залудно тропање не одговараше апсолутно никој.
И тогаш си реков. Златна Македонија. Можеби е клише но е многу вистинито.

Комшија, што ли беше тоа?! Се запрашав. Дали исто вака не си ги познавав комшиите. Чекај бре – па јас сум со комшиите до ден денес пријателка! И знаев точно зад секоја врата какво лице се крие, со име и презиме, возраст, интереси затоа што рака на срце, ги сакала или не, барем знаев да си направам муабет, или да им тутнам љубопитно глава додека бев дете во муабет и мајка ми потоа секогаш ме бркаше – Мартино ајде бркај работа таму играј си со некој!
Ме бркала или не, јас си ги познавав комшиите.
Златно Топаанско поле. Одговорно тврдам дека нема полудо делче од Скопје за живеење. Можеби Шутка но тоа е друга категорија.
Чаирска романтика во секој поглед. Стануваш сабајле и прво што гледаш е Скопска црна гора и мајка ти како хедонистички го шмркнува своето утринско кафе на големата тераса. Потоа слушаш некои звуци кои не можеш да ги идентификуваш одпрвин. Аха – чика старо купуем со посебен акцент на претпоследното Е. Отсекогаш сум се прашувала, кога ќе му се распадне точакот.
Потоа ја слушаш комшиката како отспротива пцуе све по список.
„Аман бе до кога ќе ги сушите теписоните на балкон, аман бе! Само ми прскате, па љубичиците ќе ми овенат бре! Невоспитани низаедни“. И како да не останеш за да ја слушнеш до крај лавината на емоции изразени во форма на сочни пцовки и теткински воздишки?
Потоа тетка М се појавува на балкон, ја кани мајка ми на кафе, или пак таа доаѓа кај нас. Мене ми вели дека Д е излезена, но ќе се врати. Јас одлучувам да ги измијам трагите од сон на моето лице, кога одеднаш слушам некој се дере под балкон
- Мартинаааааааа – аааа тетка З добар ден, Мартина дома е? А ќе може да дојде со мене до горниот супер? Мајка ми ме прати да купам леб и јајца.
- Мартино – М те вика да и правиш друштво, ајде и на мене нешто да ми купиш.
Одам. Шта ќеш. Во надеж дека ќе ми останат пари за Снешко или Капри сладолед.
Не дај Боже да сум отишла со некој друг до горниот супер, веднаш следи тужакање.
Тетка З, Мартина и Б и отидоа да купат сладолед, и мене не ме викнаа. Одмаздата е слатка, на кој му се чека во тие години кармата да удри?
Комшија, па тоа ти е кога на татко ми ќе му се расипеше колата и сите комшии учествуваа сложно во нејзиното поправање. Останатите поминуваат и само душкаат од страна, евентуално коментираат како запршки во манџи со скрстени раце – аааа Перо немој вака молим те, не е тоа проблемот, јас знам и би ти кажал ама кога не прашуваш.
Комшија, тоа ти е кога тетка М доаѓа кај нас и и вели на мајка ми – еве ти го рецептот за кифлички, јас ќе те гледам а ти самата ќе приготвуваш, така најубаво се учи.
Комшија ти е богами и кога тетка Д од втори, ќе ти улета у стан затоа што начекала отворена врата – комшике, шеќер немам. Имаш? Чекај де сама ќе си најдам. И додека да стигнеш да и изрегираш веќе почнала сите фиоки и шкафчиња да ги отвара барајќи шеќер и на крај воскликнува – АХА! Го најдов, ќе ти го вратам, фала еј!
Ти уште не си стигнал ни да зинеш од изненадување а тетка Д си завршила работа, што се вика, да беше на голема нужда и дупето ќе и беше веќе избришано одамна.
Комшија ти е кога се симнувам доле до кај Г и пред врата два и пол часа нон стоп збориме чиниш 3 века не сме се виделе, а во суштина сакавме само да се договориме каде ќе искачаме вечер. Татко му на Г, чичко Г, излегува, не мерка, го гледа часовникот, се чуди – абе да го викнеше девојчето да влезе?
Нема гајле чичко Г јас на заминување сум и онака.
И потоа уште саат време стоиме и муабетиме пред врата.
За степен повисоко беа времињата кога со Г го окупиравме телефонот со саати, па чат пат ја убацувавме и Б во конференција. Татко ми изреволтирано ќе ми речеше – аман со кој висиш толку на телефон? Да ти е срам да речеш дека си со комшијата на линија од кој те делат буквално 13 скали само.
Комшилук – средината во која што живеат комшиите. Подразбира: колективно готвење ајвар, колективно оговарање на сите интересни ликови, дотерани девојки, набилдани машки, парови кои раскинуваат, парови кои се кријат позади грмушки, парови кои се испраќаат, удирање сеир кога Доктор Кољо од Топаана поминува во новата адидас тренерка чунки Кустурица го направил голем човек, крстење кога Рамче од топаана со цела банда галопира пред твојата муцка со стадо бели коњи, тепачки, обивање на коли, бркање крадци, играње кент, вадење на тревникот и зашљапување во истиот па наследно пцуење на чичко В кој повторно го оставил цревото да тече, возење со точаци, паѓање во грмушки, плачење за модрици, плетење на џемперчиња за куклите, пропаѓање во шахти, играње жмурки, прво заљубување, прва кошаркарска тројка од твојата симпатија, прво лапање позади брезите, први нежни допири, снежни бункери, лизгање, сервиси, жмурки, џамии, иди ми доџи ми, „ајде на кафе“ гостувања, позајмување лектири и домашни задачи.....

Бесконечно многу, и бесконечно малку простор да се опише секојдневието на комшиска база. Куќни совети, жалења, оговарања...имало од се по нешто. Но барем знаев кој е до мене, барем знаев каков вкус имаат кифличките на тетка М или пицата на тетка Д. И до ден денес кога ќе ги видам, заборавам дека ми биле комшии. Тие ми се нешто ко дел од семејството и повеќе од тоа. Номенклатурата тетка не е воопшто залудно употребена.

Денес комшилукот се сведува на неколку безлични именки. Убава средина и луѓе кои не ги гледаш доволно често за да ги запознаеш. А уште помалку за да знаеш дали воопшто прават кифлички. Најмалку за да можеш да си дозволиш да им тропнеш во невоља, бидејќи си сигурен дека и да се дома, нема ни да ти отворат.

Комшилук, колку тоа моќно....звучеше затоа што комши друг комшија можеби не рани, ама тешко му кој го нема.

Туку...бујрум на кафе!

Глупаво ме мамиш. Наивно ти се давам.

Ме мамиш.
Ме галиш.
В постела долго го слушам твојот шепот. Иако не си во неа.
Горчливо ми е кога не си тука.
И чајот е поцрн од вообичаено.
Ти си мојот коњ на белиот принц.
Ти си желето на мојата Ресана.
Ти си откинатата жица без која чадорот не ме штити пред дождот.
Ти си мојот тивок мувач.
Ти си мојот посакуван маж.
А сепак немаш машки полов орган. Ниту женски.
Ти си средно како турското кое го пијам.
Ти си благо како млекото кое го мешам со црното кафе.
Со тебе и во тебе и зимата е како мед со цимет.
Одличен учител, совршено засолниште.
Ги чуваш сеуште моите тајни дури и оние за кои не знаат другарките.
А ние жените сме проклети со нашето зборување.

Скопје. Со толку многу недостатоци а сепак толку многу совршено.
Недостигаш и болка е колку многу те чуствувам дури и кога не си тука а јас не сум во тебе.

Сликата е позајмена од Самир Мемедов.