Thursday, February 2, 2012

Помеѓу антиката, барокот и рококото, ѕирка мојот град

Веќе една деценија не живеам во градот кој ме плукна како скоро готов производ и ме лансираше таму негде, во Европа. Полуготов производ по рецепт на Доктор Еткер, речиси. И веќе една деценија, дишам заедно со тој истиот град во кој израснав иако сме на 1000 километри еден од друг.
Другарките и другарите веќе ми удираат или солиден сеир или се зезаат или се сериозни кога ми велат – поголем патриот и Скопјанец од тебе нема.
Не знам дали има и дали треба да се споредувам со некој друг. Не ми е ни битно. Знам само едно, дека на нитуеден друг град не му се радувам така, како што му се радувам на Скопје.
Едвај чекам да идам у Апче и да испијам чаша студена боза и изедам тазе тулумба, по цена другарите да ми ги истушира одстоената дождлива вода насобрана на тендата.
Едвај чекам да станам рано, во недела, и да шетам по тивките улици од Капиштец накај Водно. Па повторно надоле, правец Дебар маало и да мирисам како се крчка неделниот ручек. Да уживам во тишината на градот кога е плус 40 или во црцорот на првите пролетни птичици скриени зад расцветаните цреши или липи.
Едвај чекам да направам tour de bar дали во лето или во зима. Вотка мартини во Излет. Вотка мартини во Кино Карпош. Вотка мартини во Бастион. Вотка мартини во Алка. Вотка мартини во Круг. Вотка мартини во Миднајт. Вотка мартини во Хавана. Вотка мартини во Менада. Вотка мартини у Пивница. Пробај да издржиш до 7 сабајле во Балет. Еј – празни гајби за пиво. Еј многу вотка многу мартини бре! Еј зошто е веќе разденето? Еј колку не ми е битно каде сум, битно ми е со кого сум и дека сум во Скопје.
У склоп со искачанкиве, едвај чекам да лапам лесковачка од Вили, гиро од Гирадико, симитка од Чаирска фурна у ниедно ноќно време – или у солидно сабајлечко време кога последните молекули од Џемс Бонд алкохолот испаруваат.
Едвај чекам да заседнам во некое старо кафанче во Дебар маало, да мезам со моите, да ги слушам бисерите на внука ми, да се смеам до засркнување, да уживам во салатите и во спорото печење на грлото додека ракијата, мастиката, узото, што и да е – клиза низ него.
Едвај чекам да се качам на вовче во парк. Резервирано ми е за пролет. И шеќерна волна ќе ве молам! Е така, нека лепи! Ми е гајле дека немам веќе слатки –наесет. Едвај чекам да легнам на тазе зелената трева во градскиот парк и да гледам во синото небо. Да се изгубам во сите оние бои и да си речам – ми се допаѓа кога гледам што дишам. А потајно се надевам некој од локалните напалени мастурбатори да не се појави од некоја страна, овај грмушка де. Се чудам како не фатив фобија од машки полов орган после сета палета на чудаци и лудаци кои ми се појавиле пред фаца во скопскиот градски парк на сред бел ден! ЛуСКОПСКИдо!
Едвај чекам да се качам во такси и да си напраам домаќински муабет.
-         Девојче, абе денес немаше струја у Радишани, замисли! Нит семафор работи нит ништо!
-         Ахам, е ако де, ама јас у Аеродром идам сега.
-         Е да, значи информацијава не ти е битна а?
-         Ич.
-         А да ти кажам и плинот поскапе, што ќе се праи у оваа немаштија?
-         Не возам на плин. Ама верувам, тешко е.
-         Е тешко е! Па и ова споменициве шо ги праат, на ништо не личат. У овие гужви место надвожњаци, подвожњаци да напраат они лавови тураат. Мада, у гужвиве барем ќе има шанса да ги види човек.
-         Е да.
Домаќински. Природен. Домашен. А јас си слушам и се кезам од шеска до осмица, и обратно.
Едвај чекам да си се симнам до Балила и да си нарачам потпечени тортелини.
Да испушам цигарче и испијам кафе на балкон додека си го гледам крстот на Водно. Во поново и жичарата. И го следам зајдисонцето. Знаете колку е магично? Многу!
Да испокрцкам дузина коски кои ми се драги да испогњавам поштено, бабински, неколку образи од сочно цмокуљање – мња!
Да се засркнам од громогласно смеење, затоа што само моиве будали знаат толку многу да ме насмеат.
Да водам љубов со градот на секој можен начин. Да се гушнеме и да не се пуштиме, како стари пијани другарчиња кои си идат од кафана дома, ко у стара добра времена.

Во последниве неколку наврати кон родното македонско грутче, се обидувам да подзамижам пред реалноста. Вчера сосема случајно наидов на вакво нешто. И на уште нешто. Ќе бидам ли големо патетично лигле ако признаам – дека ми се насолзија очите? Ќе бидам ли последната носталгична иселена скопска будала која вади палома при секоја стара слика од мојот град макар и ме искористиле К15 за пародирање во некој нареден скеч?
А за волја на вистината, ич не ми е гајле како ќе изгледам или звучам. Ама ме боли кога гледам што се случува со мојот град. Скопје ли е ова? Каде се наоѓам? Одамна си велиме со една другарка дека ќе се иселиме на друга планета, затоа што оваа ни е веќе – досадна ко капење на расипана чешма во клише музички видео спотови. И така се чуствувам кога шетам низ Скопје, ко да сум на друга планета а не во друг град. Само се молам да не е тоа онаа планета на која сакаме да се селиме – пошто е тек тогаш сме го јаделе бостанот.
Не сакам да полемизирам, да политизирам ниту пак да анализирам кој кога што и како. Барем не сега. Знам само едно. Дека сум дете на грађевинац. Дете на човек кој учествувал во изградбата на можеби тогаш најбитната зграда во Скопје. Дете на кое истиот тој грађевинац му ги покажувал најубавите агли од главниот град на Македонија. Дете на 80те и 90те години. Дете на Југославија. Дете кое растеше помеѓу благи баумаксовски сивила и модернистички шаренила на новата урбана генерација која се развиваше дваесетина години после земјотресот. Дете кое слушаше и слуша и до ден денес (иако е далеку од дете) прикаски за тоа што се случувало во сите тие тешки моменти во мојот град.

Кој архитектонски садо мазо секс му го удривте на моето Скопје алал да ви е! А Скопје се дере – силовање, нешто ко у Ми нисмо анђели, онака као демек, пали цигара и остава да го силуваат рамнодушно, или принудно со дигнато лево раме – шта ћеш?!
Веќе не ми се ни плаче. Ми се рика! Без глас. Гласот дерејќи се го изгубив. Ерекција на имагинарни триумфи, крунисување на видоизменета малтене непостоечка историја, идентификација со туѓи идентитети и туѓи одбележја. Грди тетоважи кои ништо и никој не може да ги избрише. И да ги избрише – лузната останува.
Скопје поминало во својата историја низ многу. Преживеало два големи земјотреса, пожарот на Пиколомини, поплавите на Вардар, преселби, мешања, војни, истребувања. Проектот Скопје 2014 кој личи на пародија повеќе отколку на сериозна урбанистичка промена на еден главен град, е потежок од сите земјотреси, поплави, дрмања и тресења кои овој град ги надживеа и преживеа.
Ова повеќе не е мое Скопје. Ова е Париз, Каиро, Прага, Карлови Вари, Атина. Жими таквото што го немам. Мижи Асан да ти баам!
Па уште ќе ставале антички „ауфит“ на Владата и на ГТЦ. На ГТЦ еј?! Ај ако не и на Ослободителите пред влада опнете им Calvin Klein боксерица, Fubu широка хип хоперска панталона и Louis Vuitton чантуле у шмизл фазон преку лево раче! Цуцки!

Ова е шунд. Ова е мрсна, кичеста Цеца, Јеца и друга ЦА. Турбо фолк на архитектурата. Ова е кошмар. Будете ме ве молам, не се трпи!
Моето Скопје остана на оние слики кои ги видов. Остана на сликите кои ги имам дома. Остана во мојата глава, остана во моите сеќавања.
Моето Скопје хрчи и се обидува да дише таму некаде помеѓу барокот, рококото и антиката. Давајте некој апарат за одржување во живот, пошто вештачко дишење, повеќе не помага. Евентуално трк по рецепт за воскреснување, затоа што не сакам градот кој ме создаде, да го снема. Нема смисла.

Виновници, од се срце ве бубнувам и со насмевка ве испраќам – марш у илјадашестопеесетиседум лепе!
Ме наку...пардон, налутивте. По не знам кој пат. А толку убаво си почнав.




1 comment: