Wednesday, November 23, 2011

Комши...колку тоа моќно звучи

Изутринава добив мејл. Од блиска пријателка. Ми рече – комшиката ми донесе кифлички, кашкавалче, кулен. И ми рече уште една работа.
Еј знаеш дека животот без добри комшии е посиромашен?
Ме замисли. Сиромашен е. Тажен е. Знам. О колку само знам.
Комшилук – колку тоа моќно звучи! Едно од главните одбележја на македонштината, на македонското битисување, на македонското секојдневие.
За жал не веќе дел од моето секојдневие. Денес да ме праша човек – не си ги знам комшиите. Имам едно лудо, но екстремно галантно дедуле од десно кој кога ќе ме сретне ми ја бакнува раката и ми се поклонува. Но не знам како се вика. И сретнувањето е 2 пати годишно. А јас два пати годишно се чуствувам како Марија Антоанета. Од лево пак живее фино средновечно маже кое секој пат дури манијакално се насмевнува кога ќе ме види. Изразот му вели „знам што правиш во спалната“ – а за воља на вистината, спалната и неговиот стан ни ги дели само еден ѕид.
Толку. Другите не ги познавам. Над мене пред некое време дознав дека живаат едни две популарни пејачки, но заради нивната професионална ангажираност ниту нив не сум ги забележала, а кога ме поплавија еднаш во очај пуштив по некоја солза затоа што иако комшиите беа дома, на моето залудно тропање не одговараше апсолутно никој.
И тогаш си реков. Златна Македонија. Можеби е клише но е многу вистинито.

Комшија, што ли беше тоа?! Се запрашав. Дали исто вака не си ги познавав комшиите. Чекај бре – па јас сум со комшиите до ден денес пријателка! И знаев точно зад секоја врата какво лице се крие, со име и презиме, возраст, интереси затоа што рака на срце, ги сакала или не, барем знаев да си направам муабет, или да им тутнам љубопитно глава додека бев дете во муабет и мајка ми потоа секогаш ме бркаше – Мартино ајде бркај работа таму играј си со некој!
Ме бркала или не, јас си ги познавав комшиите.
Златно Топаанско поле. Одговорно тврдам дека нема полудо делче од Скопје за живеење. Можеби Шутка но тоа е друга категорија.
Чаирска романтика во секој поглед. Стануваш сабајле и прво што гледаш е Скопска црна гора и мајка ти како хедонистички го шмркнува своето утринско кафе на големата тераса. Потоа слушаш некои звуци кои не можеш да ги идентификуваш одпрвин. Аха – чика старо купуем со посебен акцент на претпоследното Е. Отсекогаш сум се прашувала, кога ќе му се распадне точакот.
Потоа ја слушаш комшиката како отспротива пцуе све по список.
„Аман бе до кога ќе ги сушите теписоните на балкон, аман бе! Само ми прскате, па љубичиците ќе ми овенат бре! Невоспитани низаедни“. И како да не останеш за да ја слушнеш до крај лавината на емоции изразени во форма на сочни пцовки и теткински воздишки?
Потоа тетка М се појавува на балкон, ја кани мајка ми на кафе, или пак таа доаѓа кај нас. Мене ми вели дека Д е излезена, но ќе се врати. Јас одлучувам да ги измијам трагите од сон на моето лице, кога одеднаш слушам некој се дере под балкон
- Мартинаааааааа – аааа тетка З добар ден, Мартина дома е? А ќе може да дојде со мене до горниот супер? Мајка ми ме прати да купам леб и јајца.
- Мартино – М те вика да и правиш друштво, ајде и на мене нешто да ми купиш.
Одам. Шта ќеш. Во надеж дека ќе ми останат пари за Снешко или Капри сладолед.
Не дај Боже да сум отишла со некој друг до горниот супер, веднаш следи тужакање.
Тетка З, Мартина и Б и отидоа да купат сладолед, и мене не ме викнаа. Одмаздата е слатка, на кој му се чека во тие години кармата да удри?
Комшија, па тоа ти е кога на татко ми ќе му се расипеше колата и сите комшии учествуваа сложно во нејзиното поправање. Останатите поминуваат и само душкаат од страна, евентуално коментираат како запршки во манџи со скрстени раце – аааа Перо немој вака молим те, не е тоа проблемот, јас знам и би ти кажал ама кога не прашуваш.
Комшија, тоа ти е кога тетка М доаѓа кај нас и и вели на мајка ми – еве ти го рецептот за кифлички, јас ќе те гледам а ти самата ќе приготвуваш, така најубаво се учи.
Комшија ти е богами и кога тетка Д од втори, ќе ти улета у стан затоа што начекала отворена врата – комшике, шеќер немам. Имаш? Чекај де сама ќе си најдам. И додека да стигнеш да и изрегираш веќе почнала сите фиоки и шкафчиња да ги отвара барајќи шеќер и на крај воскликнува – АХА! Го најдов, ќе ти го вратам, фала еј!
Ти уште не си стигнал ни да зинеш од изненадување а тетка Д си завршила работа, што се вика, да беше на голема нужда и дупето ќе и беше веќе избришано одамна.
Комшија ти е кога се симнувам доле до кај Г и пред врата два и пол часа нон стоп збориме чиниш 3 века не сме се виделе, а во суштина сакавме само да се договориме каде ќе искачаме вечер. Татко му на Г, чичко Г, излегува, не мерка, го гледа часовникот, се чуди – абе да го викнеше девојчето да влезе?
Нема гајле чичко Г јас на заминување сум и онака.
И потоа уште саат време стоиме и муабетиме пред врата.
За степен повисоко беа времињата кога со Г го окупиравме телефонот со саати, па чат пат ја убацувавме и Б во конференција. Татко ми изреволтирано ќе ми речеше – аман со кој висиш толку на телефон? Да ти е срам да речеш дека си со комшијата на линија од кој те делат буквално 13 скали само.
Комшилук – средината во која што живеат комшиите. Подразбира: колективно готвење ајвар, колективно оговарање на сите интересни ликови, дотерани девојки, набилдани машки, парови кои раскинуваат, парови кои се кријат позади грмушки, парови кои се испраќаат, удирање сеир кога Доктор Кољо од Топаана поминува во новата адидас тренерка чунки Кустурица го направил голем човек, крстење кога Рамче од топаана со цела банда галопира пред твојата муцка со стадо бели коњи, тепачки, обивање на коли, бркање крадци, играње кент, вадење на тревникот и зашљапување во истиот па наследно пцуење на чичко В кој повторно го оставил цревото да тече, возење со точаци, паѓање во грмушки, плачење за модрици, плетење на џемперчиња за куклите, пропаѓање во шахти, играње жмурки, прво заљубување, прва кошаркарска тројка од твојата симпатија, прво лапање позади брезите, први нежни допири, снежни бункери, лизгање, сервиси, жмурки, џамии, иди ми доџи ми, „ајде на кафе“ гостувања, позајмување лектири и домашни задачи.....

Бесконечно многу, и бесконечно малку простор да се опише секојдневието на комшиска база. Куќни совети, жалења, оговарања...имало од се по нешто. Но барем знаев кој е до мене, барем знаев каков вкус имаат кифличките на тетка М или пицата на тетка Д. И до ден денес кога ќе ги видам, заборавам дека ми биле комшии. Тие ми се нешто ко дел од семејството и повеќе од тоа. Номенклатурата тетка не е воопшто залудно употребена.

Денес комшилукот се сведува на неколку безлични именки. Убава средина и луѓе кои не ги гледаш доволно често за да ги запознаеш. А уште помалку за да знаеш дали воопшто прават кифлички. Најмалку за да можеш да си дозволиш да им тропнеш во невоља, бидејќи си сигурен дека и да се дома, нема ни да ти отворат.

Комшилук, колку тоа моќно....звучеше затоа што комши друг комшија можеби не рани, ама тешко му кој го нема.

Туку...бујрум на кафе!

4 comments:

  1. Честито нов блог, се познава од самиот почеток дека ќе биде многу квалитетен и пријатно место за поминување време.
    Текстов за комшиите ме разнежни и ме врати и мене назад низ времето да барам нешто што денес за жал го нема.
    Имаш способност да сликаш со зборови.
    И винтиџ декорацијава на блогов е ептен во склад, ми се допаѓа. :)

    ReplyDelete
  2. Солидно.
    Добредојде во блогерајството, се надевам дека ќе продолжиш квалитетно! :)

    ReplyDelete
  3. Благодарам! Ќе се потрудам :)

    ReplyDelete
  4. Напишано искрено и од срце. Продолжи така!

    ReplyDelete