Tuesday, November 29, 2011

Друже Тито...

Друже Тито...

Се родив во други времиња. Живеев во други времиња. Доживеав промени на политички системи, уредувања, променив не само географски туку дури и без да мрднам со малото прсте неколку држави. Оно беше прво као социјалистичка федеративна, па само социјалистичка, па потоа остана и социјалистичка, и федеративна само не беше веќе Југославија, беше Македонија, па после као не беше ни социјалистичка, уште помалку федеративна туку само република, демократска, Македонија, за на крај да не биде ни баш Македонија - Македонија туку замисли, повторно југословенска, ама бивша де, република сеуште и Македонија сеуште. До кога? Датум познат колку што ми е познато кога ќе ме опне (pardon my French) Ryan Gosling. Дури и ова второво ми е посигурно.
Се вели дека во Азија една фраза треба да ја знаеш за да се снајдеш секаде – same same…but different. Епа баш така некако му доаѓа и со претходново.

Но не тоа сакав. Сакав всушност да се потсетам на сите оние бразди кои мојот мозок ги носи до ден денес благодарение на времињата дамнешни, почетни, времињата кога бев безгрижно дете и единствената нервоза ми ја создаваа дечињата кои сакаа да ги допрат кадриците на мојата непослушна коса. Здодевно! Признајте.
Се сеќавам дека татко ми дома чуваше огромна книга со еден збрчкавен чичко со некое војничко капче со илјадници шарени желевца на истото, сликан во профил на којашто пишуваше – ТИТО. Си велев кој е чичево и зошто го чуваме? Дедо да не ми е? Потоа открив дека изгледа на сите им е дедо, затоа што сите ја имаа дома истата оваа книга. Чудно.
Кога отидов прв пат на училиште, што да видам, чикава овој пат сликан en face ме пречекуваше на слика во секоја училница. Пази молим те дури и во букварот го имаше. И првото четиво во него – Тито сите не гледа. Нешто као цело одделение се потепале околу тоа кого всушност Тито го гледа а јас со моето детско главче се чудев и си велев – е добро де, и јас сите ги гледам кога сум на слика па не направиле четиво за мене.
Оној кој не знаеше каде е роден, кога, со кого се дружел, што правел во слободно време, какво кафе пиел, ракијата со што ја мезел и други не баш слични ама подеднакво битни детали од неговиот приватен па и јавен живот – автоматски добиваше кец и мижеше во ќоше цел ден. Срамота! Што би се рекло, помал срам да те фати ако не дај Боже заборавиш како се викаш, отколку да не знаеш нешто за другарот Тито.
Знам исто така, дека околу 25 мај, сите стоевме на веќе жешкото скопско сонце, и голтајќи прав од улицата чекавме да поминат некои младинци со штафета во раката а ние да ги пречекаме со летечки каранфили. Целово „журче“ траеше нецели 2 минути а јас возбудено дома раскажував.
Ги чекавме! И чекавме, и чекавме.
А после?
Епа после дојдоа и – ојде каранфилот! Мајка ми правеше гимнастика со очите мислиш вежба за роденденскиот собир во Белград, тато ме погали и ми рече – браво! Ете ти.
Знам и дека ветувавме со бели кошули, црвени марами и сини капчиња на главата со петокраки, дека даваме чесен титов пионерски збор и станувавме – пионери. Што и да значеше тоа.
Едно време не тераа да носиме и сини кецељи. Боже о Боже и Амон Ра и Зевс, колку беа грозни! Мајка ми отиде во школо и ја искара, разбирај, поштено ја спука мојата учителка со зборовите – ќерка ми ви личи на Мао Це Тунг? Не? Ни на мене не ми личи, па не ме терајте да и ја облекувам оваа грозна, груба, сина униформа. 1:0 за мама! Ха!
Е можеби ја избегнав судбината да изгледам како кинеско работниче од кај Мао, но на секој настап за патронатот на нашето училиште задолжително игравме по фармерки, бели кошули и црвени марами. Ау! Страва!
Во истото тоа време, на 4ти мај во точно 15.00 се пуштаа сирените и сите ја одбележуваа смртта на другарот Тито со комплетно запирање на своите автомобили и излегување од истите. А ние, деца, кои немаат поим само знаат дека треба да се излезе, се договаравме
- Еј у 3 биди пред зграда, ќе стоиме.
И стоевме. Ко кипови. Горди деца на југословенскиот пролетеријат, ма здраво!

Во тие времиња одевме на море, и велевме – на наше. Си викав, ајде, можеби секој може да си земе во кантиче за по дома, да си има, ете затоа е наше.
Се палевме на Југословенка од Лепа Брена, не ги заклучувавме вратите, никој не крадеше и знаете што? Кога патувавме низ Југославија татко ми не се плашеше да ја тргне колата на страна, на автопат и да си дремне. Остануваше жив!
Научивме да ги употребуваме наредниве фрази и зборови:
(веќе спомнатата) Тито сите не гледа;
растеме под знамето на Тито;
и по Тито – Тито;
друже Тито ми ти се кунемо – да са твога пута не скренемо;
вака така стана петокрака;
ех што ми е мило ем драго, млада партизанка да станам;
хеј нек се чује чује хеј нек се зна да је млада партизанка борбу водила;
прваче сум веќе, вистина е цела во жили ми тече, крв титовска врела;
братство и единство;
тито партија;
омладинска акција
и што би рекле нашите водителки од истото тоа време кога најавуваа звучни музички имиња – И многу други.

Сонувавме да го видиме музејот на Тито, да го посетиме гробот, се сакавме сите сложно, вртевме ора, се палевме на Хеј Словени, а кога ќе одекнеше полската химна ги пцуевме како само ни ја украле. И потоа комплетно се се смени. Ни рекоа дека не е убаво да се сака другарот Тито, дека он уствари бил своевиден хоштаплер, дека сега сме самостојни а не Југословени, со баба ми повеќе не зборував на српски туку само на македонски, Словенците подоцна ги пцуевме дека ни го украле ајварот – а на Алпите пиперки ајварки нема, војниците на кои со таква љубов им рецитиравме по касарните истите тие ги пустошеа и си отидоа од земјава, тато ја тргна книгата за Тито и ја однесе во подрум....се случија ред работи кои не знаев сеуште што точно значат, но имав некое горчливо чуство заради нив.
За да веќе во пубертетот се декларирам како голем ју-носталгичар и плачам на песните од Црвена јабука или Бијело дугме, а подоцна се запишам во средното училиште кое како единствено не го шрктна името на Тито од својата зграда. Се разбира од сосема други причини.

И Тито повторно мене ме гледаше. Всушност – сите не гледаше.

Не знам дали беше навистина хоштаплер, не знам зошто одеднаш стана лошо да се декларираш како Југословен а беше гордост да се лупаш во десна груда дека си Македонец. Не знам дали навистина Југославија имаше толку тежок комунизам или луѓето претеруваа колку да претеруваат. Можеби бев среќна што никој од моите не беше пратен на Голи Оток. Можеби.

Јас знам само дека денес е 29ти ноември. Дека Тито сите не гледаше. Дека јас имав безгрижно детство и дека со црвена марама или не, му кажав чао на истото принудно, нагло, со сила.
Во неговиот музеј има една слика вика, махни баки. Симболично ве испраќа на излезот од него.
А јас само се мислам – дали успеавме навистина да се збогуваме со едно време, или секогаш во нас ќе ги носиме трагите на истото со ризик да бидеме пејоративно нарекувани ју-носталгичари?!  

Ја користам оваа блогерска прилика да им посакам среќен празник на последните југословенски мохиканци и да им кажам, во случај да не сте успеале да го направите на време – мавнете. За да не ве мавне времето вас.




No comments:

Post a Comment