Monday, January 16, 2012

За СловаЦките работи – таму негде во Братислава, кај езерото или комшилук на малку поинаков начин

Од севкупното мое битисуење во оваа средноевропска метропола, мада се ми се чини дека е више пола него метро или како што љубат да ја истакнат на трамваите и градските автобуси – Bratislava, little big city, најлуд или здраво мрднат да речам во поблага форма е токму 5годишниот период од кога се вселив во едно станче недалеку од строгиот центар на градот, покрај едно романтично езерце кое жителите на овој град го обичаат токму за викендите а го нарекуваат Штрковец. Околу езерцево можеш во слободно време у амерички стил да си трчаш џогингче на супер професионална стаза која е долга околу еден километар. Ставаш слушалките, се растегаш на тревникот, ги растресуваш мускулите и тргнуваш. Во летно време те бодрат од околните кафулиња и клупи, што у суштина може да ти изгледа ко нем филм, затоа што Том Јорк кој се дере директива во твоите уши не ти дозволува да ги чуеш, евентуално да наидеш на група хокејари кои тренираат исто така трчајќи околу езерцево – во спротивен правец. Уствари тоа беше мојата дилема во првите денови кога почнав да трчам, ви текнува де, ко плавушана у вицон – добро бе зошто сите возат у спротивен правец?! А не дека имаш спротивен правец на стаза за трчање, ама кога ќе ти текне на атлетски митинзи како трчаат на стадион конташ дека ти си плавушата у случајов. Небитно. Сите сме некад – плави.
Освен што можеш да трчаш околу езерово, можеш и да се сончаш. Или да фаќаш риби. Рекреативно. Или да маваш сеир на оние кои ги фаќаат. Рекреативно. Или да мрчиш што чиката се крије манијачки позади книга или весник а уствари дошол само за да буљи во женските облини и кривини, јагоди, јаболка, лубеници или уши на кокер шпаниел, зависи, кои летно време морам да признаам се откриени без пардон. Амерички, да признаам. А можеш да избереш да не се замараш воопшто со ништо, да натегнеш ќебето, извадиш книгата, и легнеш да читаш и да кулираш ко тазе отворено изладено Скопско. Сркаш сонце, мирисаш на кокос, и баш ти е се – евентуално после напорниот работен ден.
Летно време можеш да пивнеш пивце со другарите, од другата страна на езерцето, онаму каде што обично врескаат сите деца. На сопствен ризик. Или пак да играш одбојка на песок. Во лето можеш повторно амерички да си изнајмиш кајче и да го веслаш. Ако љубиш да го веслаш з’ш е бесплатно, односно немат платно. Една од поубавите работи кои езерцево ти ги дозволува. Во летно време се препорачува да внимаваш на лебедите. Зае...овај зезнати се. Секогаш на пролет се појавува комплет фамилија со мама лебед, тато лебед, и едно 4 -5 мали лебедчиња меѓу нив двајца. Е кога ќе излезат од езерото, нема галење! Пошто ќе водиш љубов со ежот во спротивно. Колку што се слатки толку се агресивни. Мамето! Во лето езерцево е стварно кул и покрај тоа што капењето во него е забрането. А во зима, ти преостанува единствено да се молиш да е минус неколку степени подолго време, затоа што тогаш езерцево комплетно замрзнува и одеднаш станува зимски стадион под отворено небо каде сите или се лизгаат или пак играат хокеј. Зимски калабалак и детски џагор во билокое време. И се радуваш што можеш да го поминеш езерово попреку, пешки. Шо би рекла другарка ми – е сега сум ко Исус, одам по вода.

Живеам во една од поретките циглени згради во градов – ти се плукнам у комунизмот, грдо го осакати архитектонски овој град на браќата и славата. И не дека е битно тоа дека зградава е циглена, односно нормална, да речам, но чисто информативно да си кажам, затоа што после долгиов муабет за езерцево, почнав да се чуствувам ко фиш. You know.
Зградава е фина. Ама и колоритетот на луѓе кои ме опкружуваат е исто така интересен.

Најлегедарната комшика живее во соседниот влез. И има некоја си чудна фобија од луѓе. Од нивните автомобили. Од неправилно затворање на контајнерите за ѓубре. Од игнорирање на нејзините предупредувања човек да дише помалку звучно. Едноставно – од се. Се мислам, зошто воопшто дошла да живее во град?! И така речиси секое сабајле ме буди нејзиниот продорен глас, кој веќе во 7 наутро будно ги следи комшиите кои ги палат своите коли евентуално фрлаат ѓубре, и дерејќи се ги предупредува да ги затвараат убаво и правилно контајнерите бидејќи ова не е нивното дома, и не треба да се однесуваат ко прасиња, бидејќи ниту дома не се однесуваат така. Денес сабајлево, еден тип и го покажа средниот прст. Два пати. Да добиев цент за секој среден прст на кој случајно сум била сведок, ќе си купев викендица во Кан.
Комшикава освен што може да ви ја слика колата и да ве пријави во полиција за неправилно паркирање (не дај Боже малку да сте паркирани на трева), или освен тоа што може да ви викне полиција заради тоа што со својот автомобил ја вознемирувате, а таа не сака да се чуствува како да живее покрај автопат, си има едно мачкиште кое поправо речено изгледа ко мутирана овца, и мачкиштево милува да го шета како да е куче. И да зборува со него. Го вика Мици и ве вади од памет во ниедно време кога излегувате некаде и одеднаш комшикава како G.I.Jane излегува од некоја грмушка и следејќи ве со очите почнува да создава диверзија со као демек муабетот со мачорот свој.
-         Мицууууш?! Каде си мило?
Евентуално се обидува да го спаси пред бурата која се ближи баш кога Мици решил да се качи – на дрво.
-         Мицууууш, ама симни се те молам, ќе има бура! Да не се караме! Ама Мицуш ме слушаш ли? Бура ќе има симни се од таму! Добро. Јас те предупредив. А ти – како сакаш.
И си замина. Го остави мачорот на милост и немилост на бурата која и не беше толку страшна ако добро се сеќавам.
У суштина и благодарам што постои, затоа што јас како полусеирџиско дете, затоа што сакала нејќела скопската средина ми струи во крвта, сум се изнасмеала на толку многу ситуации предизвикани со дотичнава, што и покрај тоа што освен тоа што е сама од причина што не е баш со сите, заслужува едно книжуле со сите авантури, згоди и незгоди. Мајке ми.

Уствари во зградава има се и сешто. Еднаш доживеав поплава во 1 саат ноќно време. Избезумена, пошто нали – жена сама во домаќинство ти е речиси еквивалентно со армагедон, викнав некојси сервис. Дојдоа експедитивно. Се качија на трети. Открија дека комшиките, две млади девојки, цимерки, ме поплавиле. Се туширале. Заедно! И напраиле беља. И јас бев небитен елемент во целава ситуацијава. Чикава мислеше на две девојки како се бањаат заедно. Не ми помагаше ништо ама до ден денес верувам дека не им наплатил. Очите му беа хипнотизирани ко на којотот, а јас сакав утредента поштено да и честитам на цурата дека добро се снашла синоќа. Тоа што јас имав стрес, не е ни битно. И од тогаш сите мои другари кои дознаа за ситуацијава ми доаѓаат изненадно, неканети на гости. И ме прашуваат кои се цуриве и каде точно живеат.

Втората најбитна работа, ако не и најбитната, е да пазиш кога пушташ машина за перење. До 22.00 да си завршил, затоа што можат да ти викнат полиција. До 22.00 да завршиш со нешто погласниот муабет, затоа што утредента ти оставаат ливчиња на врата дека ако се повтори, те селат од зградата.
Журки и слични буки се строго забранети. Си има закон и сите го употребуваат како најсилен аргумент за заканување.
Шо и не ми пречи. Ми пречи кога се претерува и кога немаат луѓето флексибилно размислување.
И кога немаат храброст да ви тропнат на врата и да ве замолат да сте малку потивки. Наместо тоа ви оставаат неубаво писменце во сандачето со уште „похрабар“ потпис – вашите ненаспани соседи.
Нејсе. Човек мора и тоа да го доживее за да си знае со кого си има работа.

Ми фалат додуше другарите на Рамче качени на коњи, или погледот на Скопска Црна Гора, но морам да признаам дека по некоја иронична случајност, се пронајдов во можеби подеднакво оригинална средина како онаа во која израснав.

Damn! There goes the neighborhood. Again…



No comments:

Post a Comment