Wednesday, January 4, 2012

Ќе се фатиш ли со мене?

Женска! Сакаш ли да се фатиш со мене?

На кој му текнува на оваа прочуена фраза, нека дигне два прста! Кој бил ќарен на овој начин, нека ги дигне сите десет од двете раце. Кој ќарувал и ќарил на овој начин – ја му ги дигам и вадам од термо тегет чорапа преостанатите десет на нозете во знак на длабоко – поштовање друже, поштовање.

Без иронија, и без да мрчам, ама со ризик да звучам така – што in the name of John Wayne ни стана? На сите.
Вожња со такси. Не е битно каде, ниту кога. Не толку дамнешна ниту пак многу блиска.
Особа А: Кај дечкото а?
Особа Б: Не.
Особа А: Епа кај другарка.
Особа Б: Не.
Особа А: Кај другар?
Особа Б: Така нешто.
Особа А: Знам. Тешко е денес. Као демек другари а не сте другари. Као демек пар а не сте ни пар. Као демек мувач, ама ни тоа не е. Не знаеш што е. У наше време беше поедноставно.

Работава – Квиско пита, Горење награђује.

Е беше чика поедноставно, беше и у мое. Време де. Време кога игравме дај царе војску, се кичмевме на долга магарица, се криевме под балкони со пајажини за да лапаме, машките пуштаа прв брк, а девојките испуштаа први врисоци на депилирани влакна, постоеше и такво нешто како достоинствено, официјално стапување во прва (или барем една од првите) пубертетлиска врска строго дефинирана со прашањето – ќе се фатиш ли со мене?
And I now pronounce you – дечко и девојка.
Пау! Огномет ќе ве молам.
Не успеал момаков со комунистички брк уште ни да те зашлапа асално у знак на старт на вашата врска, ти трчаш кај другарките кои испоседнати на клупа те чекаат да им ја соопштиш големата вест за тоа што се случило таму, позади зграда кај 8ми влез, и свикуваш со воодушевување – СЕ ФАТИВМЕ ЕЈ!
Па утредента се прчиш по школските ходници, небаре светинаумски паун, и очекуваш реакции и шепоти од страна – еј знаеш ли со кој се фати оваа вчера? Се додека не го здогледаш твојот нов дечко и театрално да не речам филмски, го бакнеш пред сите и ги отстраниш сите сомневања дека она што сите чуле, е сепак само трач.
И се лапаа среќно – се додека не најдоа некој друг.
Беше, поедноставно, морам да признаам. Постоеја и други модификации на оваа врскозапочнувачка фраза као:
Сакаш да идеме? (употребувана за да се смени малку веќе излитената фраза спомната на самиот вовед)
Сакаш да се ќариш со мене? (употребувана претежно од локални надежни фраеришта обавезно во придружба на меѓузабна чачкалица евентуално мастика со „види ме колку сум јак“ стил на џвакање на истата)
Сакаш да си ми женска? (не баш кул фраза, да признаам, и не баш својствена за фраеризмот на еден типичен пубертетлија, ама ја употребуваа фини и воспитани момци кои евентуално прават рокада на зборчињата како женска со мома, девојка и слично за да не звучат тапа или да не добијат етикета - бубалица)
Ај ма фати се со мене (тука веќе не се ни поставува прашање прибидејќи типот очајно многу сака да се фати со вас, односно да не остане сам, односно не е навикнат да прашува туку само да добива, зависи кој му е проблемот, фраза особено употребувана после првобитно одбивање на девојката последователно степенувана со скратената верзија – ај ма!)
Сакаш да се лапаш со мене? (фраза од првата генерација на мувачи без намера да навлезат во сериозна врска од неколку недели, дури месец – до два, кои сепак, сакаа да се културни и да се осигураат дека барем ќе лапаат да не биде јазично силовање работава)

Да ви кажам. И раскинувањата идеа полесно. Не можеш да се изгубиш туку така и да прекинеш врска со некој. Немаше мобилни за да пишеш порака. На фиксна да вртиш е срамота. Со писма – ризикуваш родителите да прочитаат. Па затоа фино лепо и закажуваш на цурата една партија грицкање сончоглед кај Зуко, евентуално на момакот му закажуваш шетња до горниот супер, и кажуваш во фаца – ти раскинувам. Од сега па натаму не сме дечко и девојка.
Крај. Шмрк.

Денес? Следам, и слушам, и пак гледам и пак слушам и се чудам. Од силно дружење до силно мување, па до останување присилно во врска колку да не се доживее очајот да бидеш сам, а ако имаш поише од 25 – не дај Боже, готово! Молитви ти смислуваат најблиските роднини. Па дури и врски кои се одвиваат и развиваат бавно ко текот на Дунав во Војводина, мрзливо и споро.
И во страв да се дефинира нешто или да не се дефинира, или едноставно од просто немање желба да се дефинира нешто како врска, или како и да сте ја нарекле, се иде на варијанта, лапај, прај што ќе правиш, само не прашувај ништо и се разбира не кажувај ништо.
И кога го следиш сиот оној разнобоен калабалак од врски и ситуации во твоја околина, што би рекла другарка ми – се дружиме интензивно бе, ама за нијанса повеќе се дружам со неговиот пенис, ти надоаѓа така една силна желба да чуеш само едно растреперено и искрено прашање.

Девојко, ќе се фатиш ли со мене?
Да.
Ај сеа да грицкаме семки.
Ај.

Толку.

1 comment: