Monday, January 30, 2012

Ех...

Ех да можев. Ех да сакав.
Нешто како Колен. Би сакала многу работи наеднаш со ризик да изгледам како хибрид манијак. Нешто ко морско прасе. Или жена програмер. Или авиомува де. Нит леташ, ниту пак цвикерата ти е до тој степен црна и голема.
Нејсе. Битно – желбата да пробаш како е да чекориш во чизмите на оној другиот, е голема. По цена да ти биде неудобно но со цел да дознаеш како и е на другата страна. И можеби тогаш – ќе сфатиш. Дај Боже!

Би сакала да можев да гледам поубаво, за подобро да видам. Човек дури и кога гледа, не е сигурен што видел. Со колкупроцентна сигурност можеш да тврдиш дека ружата е навистина црвена или дека гомцено во тревата е навистина кафеаво?! Кога ќе се приближиш, ружата одамна овенала до степен на некоја сивкаста боја, а гомцето не е гомце, туку е скршено гранче од некое од дрвјата во паркот и ко за чудо на природата има сосема убави нијанси на него.
Би сакала да можев подобро да слушам. Слушам убаво, фала Богу. Гледам да си ги чистам ушите секој ден јес да ме ежат оние памучнине чепкалки, али тоа не е битно. Но дали навистина слушам?! Што дека слушам кога дури после некој извесен временски дијапазон ми резонираат зборовите во главава и сфаќам – дека дури тогаш чув. Не во моментот кога ми било кажано. Сум слушала, но не сум чула, па учтивиот молк му дал сила на соговорникот во дадениот момент.
Би сакала да можев да летам, барем на кратко. Не, не сакам да сум мувата од Acid House (ете ти пак, врти сучи – тоа ти е, мува), но сакам да можев да видам какво е чуството на воздушна слобода која зависи од мене и никој друг. Да не морам да се потресувам турбуленции ли се, моторот ли е, левото крило ли е?
Би сакала да можев да размислувам едноставно на граница со ограничено барем на еден ден. Да немав баш многу многу на избор, да си живеев во моето мало гратче, некаде на периферијата од државата, Богу иза леџа кај што ќе ми прават друштво мувите кои тука се вртат за да се вратат назад од кај шо дошле. Да си имав некои сосема обични и прости двоумења, како – црн или бел леб? Фустан или сукња за Нова година? Турбо фолк или бугарска певаљка? Црвено или жолто? Камен или земја? Работава – сам себе го убиел, да не знаеш што да избереш, пошто избор де факто, немаш и со наведната глава му се прилагодуваш на она, што животот ти го нуди. А на рамнодушноста која во себе ја носиш може да ти завидува и странецот на Ками.
Би сакала, да немав апсолутно ништо. Не дека имам нешто многу. Но чисто за да знам како е на другата страна од реката. (а како тргнале работиве можеби и тоа наскоро сите ќе го дознаеме) Да знам како е да се копа по изметот на човечката цивилизација која сеуште има изобилство од кое може да се, простете, кења, за човек да заработи барем за кришка леб. Ми текна на децата во Индија кои секое утро ги оставаат на периферните депонии за да копаат и де факто рециклираат ѓубриво за минимални пари. Вистински, а не фигуративно, да си ги извалкаш рацете, за да можеш на крајот од денот да ги измиеш и да си купиш по некое залче храна која ќе ја цениш повеќе од самиот себеси. И тогаш ќе сфатиш дека не се чуствуваш ниту валкано, ниту празно, ниту заразено. Затоа што дури и највалканата депонија не е толку заразна како неповторливата сила на човечката глупост, завист, малограѓанштина, снобизам кои го трујат секојдневието на оние кои имаат нешто повеќе во акалот за да имаат време, капацитет, расположение, карактер, желба за истите.
Би сакала, да имам повеќе време и повеќе удобност за да можам да си го пополнам секој слободен миг со елементарни, ниски задоволства. Да почуствувам како е да дегустираш измет малтене на дневен ред. Да не речам, да јадеш гомна. А ќе речам.
Би сакала да можев да паднам ниско за да знам какво е чуството. Човек е суштество непостојано. Природно се развива и во текот на таа своја животна Голгота паѓа. Се сопнува. Го сопнуваат. Прави грешки. Извлекува поука. Се поправа себеси. Се кае, или не. Сфаќа или не. Губи. Губи некогаш многу. Се витка од болка и од тага. Човек е суштество емотивно, се шокира, изненадува, разочарува, поретко или почесто. Плаче или се смее. Се срами или не за тоа дека ги покажал своите емоции пред некој друг. Сеедно е. Но како е да паднеш на тестот да бидеш нормален, достоинствен и барем малку човечен, што и да значеше тоа особено во денешнава мрднатост, за да се однесуваш учтиво и културно во најмала рака, а да не зборувам за тоа да си фер и разумен? Се прашувам. Се чудам. Се думам.

Во суштина би сакала да можев да прошетам во туѓите чизми за да разберам што им е на луѓево денес? Се изгубија ли до толку во сопственото его што кога нешто малку ќе им ја поткопа или поткрши самобендисаноста до степен да сфатат дека не се центарот на светот и дека сепак се врти – ама околу сонцето да му се сневиди, не околу нив,  и макар и биле свесни за истото тоа многу одамна пред некој друг да ги натера да го воочат, решени се да испукаат цела артилерија од подлости и гомнарии до последен здив. Да го засенат и ослабнат секој кој ќе им застане на патот, сосема случајно и невино. Да го уништат до последниот атом и дискредитираат со она што го поседуваат – својата глупавост и слаб интелект, но притоа непромислена храброст да се викне и некултура да се покаже со прст. Се надевам нема да им никне брадавица на истиот.

Светов некој некогаш го разбираше како поле за меѓународен натпревар на народите. Јас го разбирам како поле за лечење на сопствените фрустрации, меѓународен натпревар на малограѓанштина и исполнување на еден куп слободно време со активности смешни, ниски, безначајни, бесполезни и сосема залудни. Силата на разумот завршува онаму, каде несопирливо извира силата на зборови создадени да навредат, повредат, изнесуваат лаги или невистини, сопствени вистини и квази-вистини. Зборови прости и зборови смешни. Сељачизмот започнува во оној момент, кога со нив ќе се претера.
Честитам. Се наоѓате на ниво – 5 под ground zero.

Его, оргазам, јадење. Три работи потребни за нормално функционирање на психата на секој хомо сапиенс. Затоа што кога ги нема, секој homo станува lupus на другиот homini во размери кои му создаваат комплекс дури и на Путин.
А јагнињата некогаш навистина стивнуваат. Макар и биле црни. Од време на време. Зависи од која перспектива – ги гледа човек.

Ех....

No comments:

Post a Comment